ШИФРА 5/25147

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:82:"Маслинкитенеодаткакомезесотиквешкаж'та

    1. По трагата на веста што ја објави грчкиот опозиционен весник “Етнос”, дека во текот на минатиот месец дошло до тајни средби на македонско-грчката граница на релативно високи функционери од двете држави, “Сакам да кажам” ги ангажираше сите можни шпионски врски, за да дознае повеќе детали за почетокот на преговорите меѓу Грција и Македонија. Средбата била толку многу тајна, што дури и нејзините актери, потсекретарот во Министерството за односи со странство на Македонија Ристо Никовски и пензионираниот генерал на Службата за безбедност на Грција Никос Грилакис, немале поим ни каде се среќаваат ни дали воопшто се среќаваат.
    Како што ни јави нашиот гевгелиски шпион, со сектор на дејстување на граничниот премин Богородица – Евзони, до тајната средба дошло меѓу двете рампи, поточно во грчкиот фри-шоп. Главен извор на информации е една неименувана грчка касиерка, од неодамна освестена античка Македонка со директно потомство од Александар Македонски, која на ваков субверзивен акт кон својата држава се решила поради разочарување од невозвратената љубов од страна на Адонис Самарас. Таа во своите обетки во форма на шеснаесеткракото сонце од Вергина имала инсталирано камери и сосема прецизно ја снимила средбата на Никовски и Грилакис.
    “Вечер”, ексклузивно за читателите на “Сакам да кажам”, прераскажува што видел на снимките на разочараната касиерка. Никовски и Грилакис се сретнале во близина на гондолите за пијалоци. Како знак на распознавање едниот носел маичка со куси ракави на која било испишано: “И лове Лисабон”, а другиот иста таква маичка, со натпис “Бадинтер ис тхе бест”. Касиерката како знак на распозна­вање носела маичка со четири “С”, што по дешифрирањето дознавме дека значело “секс, Самарас, суфлаки и сиртаки”.
    Преговорите завлегле во ќор-сокак во оној момент кога Грилакис го приси­лувал Никовски да купи шише “метакса”. Никовски бил категоричен: “За сé можеме да разговараме, ама за тиквешката ж’та не може да се преговара”. Потоа била разгледана нацрт-резолуцијата според која, во знак на компромис, Никовски морал да се откаже од купување дански колачиња, затоа што сé што е данско се сфа­ќа како скопска провокација. Згора на тоа морал да купи и грчки маслинки.
    Сето тоа веќе е доволен повод за да се свика вонредна седница на македон­ското собрание со единствена точка на дневниот ред: Одат ли маслинки како мезе со ж’та?  Левиот блок некако ќе ги проголта маслинките, ама националниот, имајќи ги предвид загрозените традиции на македонството, веќе подготви меморандум со кој се бара во никој случај да не прифаќаме маслинки место пиперки. Албанскиот блок не прифаќа ни маслинки ни пиперки, сé додека коњакот “Скендербег” не добие рамноправен третман во Уставот на Македонија.

    2. Текстот на нацрт-резолуцијата на Франција, Велика Британија и Шпанија за прием на Македонија во ООН под привремено име, кој патем ние не сме го виделе и немаме поим како изгледа, затоа што не сме го примиле, а на кој за секој случај веќе дадовме амандмани, има и дел во којшто стои: “Советот за безбедност му препорачува на Генералното собрание да ја прими државата чие барање е заведено под шифрата 5/25147”.
    Зошто бројот на шифрата да не биде и официјалното име на Македонија? И онака нашиот случај е единствен во историјата и ќе биде изучуван во поли­тичките науки. Како Република 5/25147, нашиот проблем од сферата на поли­­тиката ќе прејде во сферата на нумерологијата. Со бројките барем нема двосмис­лености. Освен ако Грција не тврди дека 2 и 2 се еднакви на 5!

    3. Ексклузивната вест од средбата на потпретседателот на Владата Стево Црвенковски со генералниот секретар на ОН Бутрос Гали емитувана на Маке­донското радио започна со реченицата дека Црвенковски во Њујорк половина час, без преведувач, разговарал со Гали.
    Дали тоа значи дека, кога ќе ни биде јавено дека на некоја средба претседа­телот Глигоров се задржал во едночасовен разговор со преведувач, тоа е исто како да разговарал половина час без преведувач?

    4. Еден оптимистички виц за признавањето:
    Пред Божјите порти стоеле Французин, Американец и Русин и плачеле. Поминало Македонче, се сожалило над нивната судбина и ги прашало зошто плачат.
    Американецот рекол: А бе, го прашав Господ кога САД ќе станат господари на вселената. Тој ми одговори дека тоа нема да го доживеам.
    Французинот рекол: Го прашав Господ кога Европа ќе се обедини, а тој ми одговори дека тоа нема да го доживеам.
    Русинот рекол: Го прашав Господ кога Русија ќе има стандард како САД, а тој ми одговори дека тоа нема да го доживеам.
    Љубопитното Македонче си рекло, ајде и јас нешто да го прашам Господ и влегло кај него. Излегол – без плачење. Другиве тројца се зачудиле што станало и пак влегле кај Господ. Кога таму – Господ рида, плаче, солзи не запира. Го прашале:  Господе Боже, што ти стана? А тој им рекол: Она Македончето ме праша кога Македонија ќе биде призната? Што да кажам, кога тоа и јас нема да го доживеам.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари