1. Самостојните независни синдикати на скопските шпиони со поле на дејствување во Грција најавуваат протестен митинг пред Собранието на Македонија. Претседателот на иницијативниот одбор за мирно и достоинствено доаѓање во Скопје, Хенри Кисинџер, специјално за американската ТВ мрежа Си-Ен-Ен разочарно изјави дека повеќе не може да живее со боновите на “Меркур-импорт” и дека, додека македонските парламентарци се договараат за своите плати и избираат која канцеларија повеќе им одговара, сосема заборавиле на шпионското одделение во САД и веќе три месеци не им испраќаат пари за лични доходи.
Паниката во македонските политички врвови е сé поголема, бидејќи со доаѓањето на Кисинџер по плата пред Собранието конечно ќе се открие тајниот заговор на релацијата Скопје – Вашингтон и грозоморниот план за измислување македонско малцинство во Северна Грција.
Како што дознаваат секогаш добро известените од шпионските кругови новинари на грчките гласила, на најавениот митинг нема да пристигне најпознатиот скопски шпион Лоренс Иглбергер. Тој како човек кој добро ги познава овдешните прилики, бидејќи е врбуван за скопски агент уште во 1963 година, кога допатувал со помошта за настраданите во земјотресот, има разбирање за моменталните финансиски тешкотии на новата македонска политичка постава. Дури се обидел да ги одврати штрајкувачите од походот на Скопје, убедувајќи ги дека платите ќе стигнат веднаш штом ВМРО ќе формира влада, веројатно сеќавајќи се на предизборните ветувања дека штом ВМРО ќе дојде на власт во Македонија ќе се слеат милијарда долари. Во меѓувреме, додека се вршат финансиските трансакции по светските банки, на побунетите шпиони ќе им се исплати загарантиран личен доход. Како интервентна мерка ќе се користат средствата што ќе стигнат од продажбата на весникот на ВМРО-ДПМНЕ – “Глас”.
2. Весникот “Глас” се појави како логична последица, откако на господата им здодеа да ги превоспитуваат режимските новинари и откако сфатија дека е беспредметно да држат предавања како треба да пишува вистинскиот Македонец. Со појавата на “Гласот на Македонците од светот, каде и да се”, македонското новинарство се здоби со пригодна литература по практична настава.
На новинарите со поголеми интелектуални способности им се препорачува текстот во кој се прави прецизна анализа на сé она што е македонска петта колона. Според авторот на текстот, македонските предавници се: македонската интелигенција, македонските јавни гласила, македонските партии, РСВР и Владимир Голубовски. Доколку некој освен авторот на текстот и евентуално некој од раководството на партијата не се пронајде на списокот на петоколонашите, ќе биде прогласен за благонадежен Македонец од прв ред.
3. Црвено Куманово повторно е во својот препознатлив елемент. Докажувајќи ѝ на југословенската јавност дека не им се само мажите огнени борци за единствена, федеративна Југославија, кумановските жени од страв да не заостанат зад своите белградски другарки се вклучија во женското популистичко движење за Југославија. Тоа што не најдоа погодна, југословенски ориентирана другарка во Скопје, што ќе им зборува на митингот, им беше мал хендикеп, бидејќи наместо републичка направија локална манифестација, но и тоа ќе го заборават кога нивните делегатки ќе се најдат во Белград, на централната сојузна манифестација да упатат порака за мир и да побараат интервенција на армијата.
Веќе нема сомнение дека третиот бран на антибирократската револуција овој пат ќе падне врз грбот на шармантниот Анте Марковиќ. Како ќе се спаси од женскиот налет не е јасно, но што се однесува до односот со кумановските жени, најдобро би било да се посоветува со Петар Гошев. Слични милозвучни изјави на љубов, какви што денес му се упатуваат на Марковиќ, пред една година преживеа и Гошев, во времето кога кумановчани ја открија неговата словенечка врска.
4. За откривањето на Гошевата шпионска мрежа најзаслужни се симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ, кои пред десетина дена протестираа пред зградата на Македонската радио-телевизија. Тогаш им соопштија на тамошните новинари дека се шпиони на Гошев и српски шпиони. Бидејќи за кумановчани Гошев и натаму е словенечки шпион, следува заклучок дека новинарите се мултиплицирани шпиони.