СИН БРАК

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:140:"Песната"ЗемимомчеМакедонче",сосемаспротивнанановиотпретприемачкидух

    1. Најстрашното помина. Полупретседателството од Белград, што си се замислува како врховен командант на некакваси армија, годинава заборави да ни го честита празникот со по десетина плотуни од десетина артилериски орудија во сите главни градови на републиките. Што и покрај видното олеснување не треба да нé успие. Особено ако се има на ум познатата порака на Бранко Костиќ Корен ,упатена на еден мирнодопски митинг до неговите Црногорци: “Чувајте ги куршу­мите, ќе ви требаат за подоцна!” Знаејќи како подоцна беа употребени не само куршумите, туку и разно-разни бомби, мини и гранати, може со сигурност да се тврди дека опасноста не е сосема избегната.
    Ако се има предвид строгата принципиелност на полупретседателот Бранко Корен, ништо чудно од него да пристигне честитка со задоцнување. Па уште една… Па уште една… За потсетување. Па после ќе правиме ударни бригади, одново да ги изградиме градовите. Како Вуковар.
    Во ослободените краишта ќе воведеме воен комунизам. Доживотен шеф на привремената влада ќе ни биде Борисав Јовиќ. Тој штотуку се врати од Кина, каде што се усовршуваше во областа: “Принципиелно одржување на власт, игнорирајќи политика на свршен чин, со посебен осврт на воена демократија и воспоставување тенковска благосостојба, по методот “Тјен ан мен.” Со што ги доби сите потребни квалификации да нé поведе во среќната и радосна иднина. Тогаш дури ни Слобо Велики нема да може да му забрани достојно да го одбележи празникот. Ќе викне Боро: “Пали!” и ќе грмне толку силно, да се слушне од Куба, па до Кина. Цел свет ќе ни се чуди. И ќе бега, како што сега сите бегаат од Србија.

    2. Во едно лежерно претпразнично расположение, очигледно не секирајќи се многу колку ќе ни биде прекрасно, ако Боро и Бранко сепак решат да не штедат муниција, па свечено да ни го честитаат празникот, го “фатив” дрдо­рењето на една група девојки во моето омилено кафуле, кои гласно размислуваа на тема: “Десет илјади сини шлемови – десет илјади можности за мажење во странство”.
    Згрозен од ниското патриотско ниво на моите сограѓанки, а особено фра­пиран од сознанието дека тие воопшто не ја фермаат забраната на инвалиди­зираниот врховен командант за напуштање на земјата, што така дрско го манифестираа, не обрнувајќи воопшто внимание на партизанскиот марш “Еј Боро, лепи Боро”, сето ова им го раскажав на моите колешки од редакцијата.
    Наместо да ја споделат мојата лојалност кон домашни и сериозни врски, тие во духот на новото време искажаа завидно ниво на претприемачки мента­литет. Така наспроти моите очекувања  да се зафатат со продукција на плочата со наслов: “Земи момче Македонче, па да видиш што е рај”, со цел идеолошко отрезнување на залудената младина, тие решија да формираат агенција за кон­такти и стројниш­тво со фирма: “Шлем син – брак фин А.Д.”
    Сега на колегите од политичкиот сектор им останува задолжението најитно да контактираат со Киро Глигоров, Васил Тупурковски и Денко Малески, да ги замолат во меѓународните институции да бараат сини шлемови и во Македонија – да не излезе бизнисот бадијала. За таа цел веќе е лансиран и рекламниот слоган “Пенис бонус, пакс ин домус”, што парламентарците на ПДП и НДП, кои имаат обичај да се расфрлаат со латински изреки, би го превеле во современа варијанта “Добар шлем – мир во куќа!”
    Патем, нека побараат во единиците што ќе дојдат кај нас да има и понекоја жена.

    3. На прекубројните во агенцијата “Шлем син – брак фин А.Д.” не им преос­танува ништо друго, освен да го контактираат претседателот на СК-ДЈ Драгиша Атанасовски. Како што пред некој ден објави “Политика”, тој си нарачал интервју во овој весник. Неговите служби за информирање му ги напишале прашањата. Истите служби по неколку дена му ги одговориле. Потоа бил повикан новинарот, да му го предадат отчуканиот текст. И накрај му побарале број на жиро-сметка за да му платат за интервјуто. Затоа што било добро.
    Агенцијата на Драгиша, освен што се занимава со финансиско потпомагање на добрите новинари, работи и на планот на физичката заштита на семејствата на офицерите на армијата. Општинскиот одбор на СК-ДЈ од Куманово го предупреди органот на Управата за внатрешни работи дека, доколку не преземе мерки за заштита на офицерските семејства, тогаш членовите на СК-ДЈ ќе преземат најефикасни мерки за одбрана од насилниците.

    4. По ова останува дилемата дали Драгиша има првенствена задача да ги штити офицерските жени или пак налогодавачот од Белград му наредил на “300 до 500 илјади Срби во Македонија” да им ги обезбеди сите српски права. Затоа што Србите како интерпланетарни суштества имаат историски права да го почитуваат само Уставот на Република Србија, било каде да се наоѓаат. Тоа е истото како и со Македонците во Србија. За нив таму важи само Уставот на Македонија.

    5. Таквото право на Македонците не им е дадено само во далечната Јапонија. На пример, правото на пцуење и повикување на тепачка.
    По снимката што деновиве ја видовме од тепачката во парламентот на Токио, крајно време е да го испратиме нашиот Миле Струја на стручно усовршување на Далечниот Исток. Таму нема: “Анте – анте курела!” Или, што би рекол одборникот Станиша Стоев во крајниот степен на својата креативна способност за дијалот: “Ако сакате да се тепаме, ајде да излеземе надвор!”
    Јапонците тоа го прават прецизно и решително. И не губат време. Се тепаат на говорница.

    6. Премиерот Кљусев сето тоа би го решил лаконски. Долго ќе се памети неговиот коментар во забавната емисија “Директно со Владата”: “ГЛУПОСТИ!” (Внимавајте, акцентот паѓа на “О”).

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари