СОЛУНСКИ ДИРЕК

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:76:"МилошевиќпретседавасоЕвропскатаунија

    1. Ех, Грција, Грција… Да ја немаше, ќе требаше да ја измислиме. Што убавини ни направи. Што пари испотроши за меѓународна презентација на Македонија во странство. Најважно е што воопшто не мислат да нé заборават, да нé остават сами. Продолжуваат со својата политика на поддршка. Вистински пријатели.
    Сé си мислев дека кога нé признаа и Американците, Грците ќе ни го свртат грбот. Демек, ја завршија работата на нашето претставување во светот и сега можат со мирна совест да си се повлечат, да си ги гледаат своите работи. Арно ама, не даваат да нé заборават. Никако. А тоа, мора да се каже, особено се цени од оваа страна на затворената граница.
    Еве слушам, Владата направила експертски тим кој ја разгледува новонаста­натата ситуација. Во моментов работи на изнаоѓање начин како да изрази благо­дарност кон Грција, а тоа да не биде сфатено како непријателска пропаганда, не­по­пуст­ливост, територијални претензии и тврдоглавост. Донесен е заклучок сите жени Македонки-домаќинки да направат дома грчка баклава. После да организираат добротворна манифестација. Од средствата собрани од продажбата ќе се финансира обнова на застарениот канцелариски намештај на конзулатот.
    Арно ама, првите сигнали од Атина навестуваат дека и грчката баклава е сфатена како крадење на симболите од историското наследство на Грција. Пак ќе си ја земеме бељата. После ќе мора и грчката баклава да се најде на масата на Сајрус Венс.

    2. Којзнае колку се радуваше Папандреу кога пред ТВ камерите ја читаше одлуката за блокирање на Македонија и за затворање на конзулатот во Скопје. Беше лут, ама умираше од среќа. И сигурно цело време на ум го имаше својот идол Милошевиќ. Што би дал да е тој на неговото место. А Грција да биде како Србија. Да не биде членка на ОН, на КЕБС, на Советот на Европа и на Европската унија. Па да си прави што сака. Па да им покаже на скопјаните, да знаат дека по затворањето на дипломатското претставништво и затворањето на границата треба да се подготвуваат за воен напад.
    Тоа што Србија не е членка на Европската унија не значи дека Милошевиќ не командува со дванаесетмината. Ете, министерот за надворешни работи на Грција Каролос Папуљас, кој е претседавач на Министерскиот совет на Унијата, беше на консултации и по задача во Белград. Милошевиќ наредува, Грција спроведува.
    За волја на вистината, европските земји веднаш го критикуваа потегот на нивниот претседавач, ама тоа не е важно. Што е битно што мислат земјите на Унијата и САД, кога Радован Караџиќ на грчката телевизија ѝ порача на Грција дека нивниот потег кон Македонија ја има неговата целосна поддршка. А богами, во Грција референците на Караџиќ се на цена. Тој е психијатар.
    Кај Папандреу се потврдува она: “Зад секој успешен маж стои успешна  жена”. Што ти се вика да имаш млада жена. Човекот почна да ја враќа историјата наназад. Само не се знае до каде ќе оди. Дали ќе запре во времето на студената војна и ќе го подигне Берлинскиот ѕид или ќе оди уште поназад, па ќе го гради Кинескиот ѕид. Неговиот ѕид ќе се вика Солунски бедем. Или, уште подобро – Солунски дирек. Има нешто битово во тој израз.

    3. Од оваа страна на Дирекот, ситуацијата – редовна. Во еден ден доаѓаат и Руси и Американци. Контролата на летање на скопскиот аеродром има задача така да им ги одобрува летовите за случајно да не се сретнат на пистата.
    Специјалниот пратеник на рускиот претседател за кризата во бивша Југославија Виталиј Чуркин пристигна во Скопје да разговара за проширување на економската соработка меѓу двете земји! А секретарот на Армијата на САД Того Вест дојде да види како се чувствувале американските војници во Петровец! Добро се чувствувале.
    Сигурно не правеле муабет за војната во Босна. Ни за ултиматумот на НАТО до босанските Срби. Сега, кога ќе ги зајакнеме економските врски со Русија, ќе се создадат можности американските војници да се чувствуваат уште подобро. Што значи, нема пречка да дојдат повеќе. Како добри домаќини, во нашите кафеани ќе им служиме оригинал руска вотка. А тие ќе мешаат со оригинал американска “кока кола”. Тој коктел сé повеќе се служи во скопските трендовски кафеани. Воопшто не ми се допаѓа неговото име. Се вика “црна вдовица”.

    4. Мотото на Либералната партија е “Способните со нас успеваат”. Успеваат да се вратат таму од каде што порано си отишле. Како Ристо Иванов, што си даде оставка на местото член на Владата, од морални и принципиелни причини, почитувајќи го Уставот кој не предвидува потпретседателско место. Принципиел­ното враќање на Иванов било по налог на партијата. На него изгледа не дејствувал спотот на подмладокот на либералите што завршува со слоганот “Да им помогнеме да кажат – Не!”

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари