СРЕЌНА НАЦИЈА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:95:"ЕлиотНесиодредотна"Недопирливите"наБогородица

    1. Амстердам е во колапс. Холандската туристичка индустрија ќе бележи рекордни загуби. Цените на џоинтот ќе скокаат до небо. Можеше ли македонската полиција да ѝ го направи ова на пријателската Холандија, непосредно пред божикните и новогодишни празници. Зар заслужиле Холанѓаните, кои секогаш со симпатии гледале на нашата борба за самостојност, па дури едно време и со Грците се скараа, да им го направиме овој упад во наркопазарот. Што ќе прават сега без марихуана сите туристи што итаат кон Амстердам, каде што единствено може легално да се надуваат, а таму некој уличен дилер им рече: “Нема, ве зезнаа Љубчо и Павле! – македонскиот Елиот Нес со одредот на ‘Недопирливите’ на Богородица”.
    Бадијала се грижи премиерот дека ова не било убаво за угледот на државата. Тоа не е ништо, ако ги убедиме Холанѓаните да не ни се налутат. Што правиме тогаш? Или, пак, ако овој удар на Богородица повлече несакани последици за идната трговска соработка со Европската унија?
    Не сфаќам што мисли министерот Трајанов, кога вели дека дрогата ќе се запали. А што друго треба да се направи? Се витка, се пали и се пуши. Не може да се пуши, ако претходно не се запали. Веројатно има идеја запленетиот товар да се распредели подеднакво на сите граѓани на Македонија, без разлика на националната или социјалната припадност. Зашто, ако 1 грам е доволен за еден џоинт, тогаш милион луѓе можат да се надуваат само од оваа пратка. И така, сите ќе бидеме “хај” и “кул”. Среќна нација. Малку ни треба да бидеме среќни. Еден шлепер. Со една ваква акција, половина Македонија може да попуши. Ама Љубчо не дава.

    2. Нашата оаза на мирот може да биде и атрактивно место за туристи. Еве, војниците што ни дојдоа од НАТО се пресреќни што, за разлика од нивните земји, овде можат да најдат и евтина дрога, и евтини проститутки, и евтини музички компакт-дискови, и евтини пијачки по кафеаните. Ќе се рекламираме со пораката: Дојдете во Македонија, ние сме “хај”! Без разлика што сé друго ни оди удолу.

    3. Кога министерот за надворешни работи на Грција Теодорос Пангалос почна да удира по масата на прес-конференцијата во Скопје, се извадив од памет да не му текне случајно да замавне со раката настрана, па да го “закачи” и македонскиот шеф на дипломатијата Александар Димитров. Навистина, овој си врткаше низ прстите некое синџирче за смирување нервоза, ама бадијала синџирчето – ќе се скинеше под налетот на лутината на Пангалос.
    Велат дека на министерот Димитров не му вредат којзнае колку дипломатските одговори и дознавањето што претходело на лутината на Пангалос, ако тој тогаш, пред камерите не покажеше повеќе лутина одошто нервозното играње со синџирчето. Колку да се задоволи јавноста и да не мисли дека кога се зборува за “позитивна енергија” тоа не значи дека тие ќе можат да нé тепаат, а ние не смееме ни “оф!” да кажеме.
    Како ли ќе ни се однесува министерот кога на гости ќе му дојде бугарскиот шеф на дипломатијата Надежда Михајлова. Зашто, за Пангалос може да се дискутира, ама за позитивен пристап кон “хубавото Наде” нема дискусија. Што правиме ако Надежда, место да удира по маса, почне да го удира Димитров под маса. Замислете Надежда и Александар да не можат да најдат заеднички јазик. На прес-конференција Наде ќе каже дека не ѝ бил прифатлив јазикот на Димитров и, во лутината, со чевелот ќе го удира под маса, а тој ќе си врти со синџирчето, мртов сериозен и незаинтересиран за сигналите на гостинката. Е, тогаш веќе нема да му простиме. Ќе треба да настапи поагресивно. Само што за да ја задоволи јавноста, не смее да ја задоволи и Наде.

    4. Анкетната комисија за јавни набавки ќе ги испитува сите случаи досега, освен од времето на првата експертска влада на премиерот Кљусев. Опозицијата бараше да се испитува и тој период. Нели, во тоа време се споменуваа некои “тојоти”?
    Забелешката на опозицијата не држи. Прво, затоа што “тојотите” се веќе стари и амортизирани. И, второ, не може за тоа да расправа Комисија за јавни набавки, кога набавките биле тајни.

    5. Господинот Кљусев, сега на нова функција како министер за одбрана, приреди новогодишен коктел за воените претставници на дипломатските мисии во Македонија. Коктелот го приреди на 22 декември. Има логика, бидејќи 22 декември се славеше како ден на бившата ЈНА. Сигурно “забравил”.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари