СТРАНСКА ПОМОШ

Со што ли ги задолжи Слаѓана Тасева и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ та така верно и служат?

    СТРАНСКА ПОМОШ

    1 Сте слушнале ли некогаш во оваа наша транзициска гротеска посмешна приказна од оваа за „Транспарентност Македонија“ и за нејзината извршна директорка Слаѓана Тасева.

    Тоа е невладина организација на која странците и даваат стотици илјади евра за да ја испитуваат корупцијата, а тие не водат сметководство. Таму извршна директорка е Тасева, која патем работи и како директорка на Полициската академија и е член во Антокорупциската комисија, и која како одговор на прашањето зошто сметките не им биле уредни, наоѓа оправдување во фактот дека немале доволно луѓе.

    Тие не водат сметководство, а им кажуваат на другите како треба да работат. И плус ги судат дека се корумпирани. Ај сега биди мангуп и направи пародија на оваа приказна.

    Утре кога „Транспарентност“ ќе излезе со некаков индекс на корупција според кој Македонија ќе биде меѓу најкорумпираните земји, ние ќе треба сериозно да ги сфатиме. Особено ќе им веруваме кога индексот на корупција во Македонија на прес конференција ќе го презентира Слаѓана Тасева.

    2 Госпоѓата Тасева е феномен. Таа е обединувачки фактор во Македонија. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не може да се договорот за битни државни интереси, ама за Слаѓана Тасева имаат консензус. Со што ли ги задолжи и едните и другите што така верно и служат? СДСМ ја постави за директорка на Полициската академија, а ВМРО-ДПМНЕ ја користеше во кампањата против СДСМ. Груевски ги смени сите што беа поставени од државата, а Тасева ја остави. Подобро за нас. Оти ако ја сменеше ќе ја унапредеше.

    3 Сега гледаме до кое дереџе сме дојдени ние кога дочекавме невладина организација да ни биде важен фактор во државата. Толку важен што дури и министерот за финансии Трајко Славевски бара од берлинската централа на „Транспарентност“ да го реши случајот.

    Зошто се јавува Славевски во Берлин? Поевтино е да се јави во Управата за јавни приходи. Кај директорот Горан Трајковски. Тој може да провери дали членовите на „Транспарентност“ плаќаат данок на сите хонорари што ги земаат. Дали плаќаат данок и на дополнителен приход, оти покрај хонорарите во „Транспарентност“ сите земаат и плати на друго место.

    Нека си ја праша и жена му Габриела Коневска – Трајковска, која пред да стане вицепремиерка беше директорка на „Транспарентност“, зошто во невладината организација не воделе сметководство.

    4 Конвенцијата на СДСМ се погоди идеално за да се тргне вниманието од „Транспарентност“. Тоа се стандардни методи со кои се служеше и старата влада. Ќе измислиш нова афера за да ја поклопиш старата.

    Новата вицепремиерка која што доаѓа од „Транспарентност“ деновиве извади некакви материјали за злоупотреба на странските пари од претходната вицепремиерка.

    Ако за решавање на „Транспарентност“ министерот Славевски бараше помош од странство, во случајот со Радмила Шеќеринска, странците сами се јавија да помогнат.

    Во оваа држава без да се замешаат странците не бива ама баш ништо. Како сме запнале со нив, ќе почнеме да им бараме помош и деца кога правиме.

    5 На почетокот на мандатот на СДСМ и ЛДП тогашниот државен инспектор за урбанизам Зоран Трошански мислеше дека треба да се занимава со својата работа и доволно наивно сакаше да се пресмета со урбаната мафија. Амбициозно ја лансираше кампањата „Отворете очи!“ На граѓаните им понуди црни листи на градежни фирми кои не платиле комуналии и градат диво. Повеќето од нив и сега се споменуваат како сомнителни. И „Фи-ком“ беше на списокот.

    Не поминаа две недели и на наивниот директор во владата му порачаа: „Не бранувај“. Нема што на граѓаните што купуваат станови да им се порачува: „Отворете очи“.

    Очите ги држеше отворени само урбаната мафија. Кога ги пребројуваше парите гледаше да не им се залепат еврата.

    6 Пратениците на ДУИ ја блокираа седницата на Собранието. Ја окупираа говорницата. Еден му го зеде ѕвончето на спикерот, друг му ја украде картичката, а командант Вентили му го зеде бокалот со вода.

    Спикерот Љубиша Георгиевски се снајде во ситуацијата. Беше вџашено прибран. Како што му се пуштија командантите, добро што не заврши како работниците на „Маврово“ во 2001 година. Или, уште пострашно, како чуварите на мотелот „Бриони“.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира