ТРЕТ ПАТ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:109:"Многуминасигонајдоатретиотпат.Сеиселијавостранство.

    1 Што е убав овој свет. Освен што дојде Нова година и првороденото бебе на 1 јануари е осмо дете во македонско семејство, а цела Влада се појави на Гинекологија без заштитни маски, друго ништо драматично не се случило во државата. Ете вчера претпразнично и пензиите беа исплатени. И социјалната помош. По тој повод и Министерството за финансии со соопштение им се заблагодари на пензионерите и на примателите на социјалната помош “за поддршката за донесување на буџетот и неговото финансирање што создаде основа за редовна исплата и почнувајќи од март зголемување на пензиите и социјалната помош” .
    Пропагандната машинерија на ВМРОДПМНЕ толку се забревта, па веќе изгуби увид и за што се фали и за што се заблагодарува. Не постои нешто што е толку банално и вообичаено, а тие да не го стават во соопштение како свој успех. Освен ако не сакале со ова соопштение да добие смисла и раката на министерот за финансии Зоран Ставрески, фатена со снимка од мобилен телефон на 24 декември минатата година во Собранието на Македонија. На снимката се гледа како Ставрески им мафта на полицајците за да побрзаат да ја избркаат опозицијата од салата.
    Кругот се сврте. Пензионерите и социјалците спонтано протестираа за да се донесе буџетот. А вчера Ставрески им се заблагодари што му помогнаа на спикерот Трајко Вељаноски да го укине Собранието.

    2 А глумците? Ним Ставрески не им се заблагодари на поддршката. Знае дека тие ако треба ќе може да одглумат дека зеле плата.

    3 Откако се случи укинувањето на Парламентот, челниците на ВМРОДПМНЕ ни упатија новогодишни честитки. За се се дообјаснат. Па премиерот Груевски рече дека “се спречил обид за насилно заземање на Парламентот” и, најсмешно од се “не беше дозволено уривање на долго градената демократија”.
    А новогодишното обраќање на спикерот Трајко Вељаноски беше уште посмешно. Тој рече дека во 2013 ќе направи се “Парламентот да функционира непречено, во полн состав, со толеранција и почитување на политичките разлики”. Што да биде во полн состав? Полицијата? За да може што потолерантно да ги елиминира политичките разлики?
    Новинарите никој не ги спомена. Оти тие биле љубезно замолени сами да си одат.
    Можат Груевски и Вељаноски и по цел саат говор да држат. Може и по сто пати да им ги репризираат говорите на сите телевизии. Ама штом им го видам ликот и им го чујам гласот, се одново и одново пред очи ми се враќаат сликите како обезбедувањето го брише подот на Собранието со опозицијата. По наредба на Трајко. Согласно Уставот и Деловникот.

    4 Ај Груевски знам што сака. Ќе си направи уште едни избори на кои ќе победи, кога ќе му притребаат ќе си позајми пари за да подели пензии и субвенции, ако некој му се спротивстави ќе му пушти полиција, ќе ги отстрани новинарите за да не видат ништо и ќе му рече на Бранко: “Кој губи има право да се лути”, исто како што Бранко во 1994 им рече на Љубчо Георгиевски и на Перо Гошев. Или, како што би рекла збунетата спонтана контрапротестантка “Да падне оваа Влада, да дојде ВМРО на власт”.
    Ама што сака Бранко? И тој изгледа го сака истото како спонтаната контрапротестантка. Да падне оваа Влада и да дојде ВМРО на власт. Оти тој се уште не понуди ништо што евентуално СДСМ би го вратило на власт.
    Велат дека ќе ги бојкотираат локалните избори. И што со тоа? Бранко прави се да ги загуби и оние симпатии што пратениците на СДСМ ги добија кога беа најгрубо исфрлени од Собранието. Како мисли да се врати на власт? И власт се дава ли? Власта се освојува. По можност на избори. И со програма која ќе го убеди мнозинството граѓани дека треба да ја изгласаат. Паролата “Прво да се симне оваа власт, па после ќе видиме” ниту е програма, ниту е понуда.
    Стварно не знам што сака Бранко. Очекува странците да му ја завршат работата? Мисли дека Американците ќе го убедат Ахмети да се откаже од Груевски? Ќе вади булдожери на улица? Ќе замине во партизани? Ќе го напаѓа участокот во Прилеп? Или секоја вечер во шест пред Рекорд ќе му бара оставка на Груевски се додека нему не му здодее од барањата на Бранко па стварно да реши да си даде оставка. И сам во Идризово да си оди оти му викаат “лопов”. И да го остави Бранко да владее демократски. Оти навистина има добри идеи што ќе прави со власта.

    5 Дури и Бранко како лидер на опозицијата имаше потреба за новогодишно обраќање. И тоа до нацијата. И ги искара сите што не се со него. А особено тие што не се ни со него, а не се ни со ВМРО. Ни порача: “Трето нема! И секој кој мисли дека има трето, дека може да остане настрана од ова што ни се случува, се лаже и себеси и сопствената совест!”.
    Е така рече. Навистина демократски. А и прилично толерантно. Ако не си со нас, тогаш си против нас.
    Ебате судбината. Мора да избереш меѓу едните или другите. А ако сакаш трет пат, фати си го патот. И исели се во странство. Многумина веќе си најдоа трет пат.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира