ЦРВЕНИ РОЗИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:33:"ДалекуеОсмимарт

    1. Што ти е навика! Научил народот да си ги слави Први мај и 29 Ноември, па сега кога ги нема тие празници ни остануваат старите навики. Сега се модерни  времиња. Се слават Божик и Велигден. И тоа така што верниците се крстат. Од чудо што ги снашло и од жал за старите комунистички времиња, кога можеа како што им прилега да си ги прослават празниците.
    Сé е исто како и порано. Работниот народ и граѓаните одеа на плоштадите да слушаат демагошки политички говори, создавајќи атмосфера на импозантни политички митинзи. Сега митинзите се преселија в црква, а политичките говори останаа исти. Порано плоштадите и преполнетите сали одекнуваа од громогласни аплаузи. Сега аплаузот одекнува во црква! Во предвечерието на 29 Ноември над главниот град пукаа почесни плотуни од артилерски орудија. Во предвечерието на Божик, на Бадник, над Скопје пукаше верски огномет! Дури во тоа време барем хоровите личеа на нешто, пејачите беа свечено облечени во бели кошули и црни здолништа или панталони. Денеска, кој како стигнал, ставил нешто на себе и отишол во црква да пее свечени песни.
    Вгодина ќе биде подобро. Верниците што беа верници и за време на комунизмот ќе останат дома да го слават раѓањето на Христос, за да им ослободат место на новокомпонираните верници. А тие, бидејќи сé повеќе напредуваат,  вгодина во атмосфера на уште повеличествен огномет, покрај аплаузот, среде црква ќе почнат и да го скандираат името на господ.

    2. Нормално, кога господ го спаси претседателот од устата на смртта. Дедо Михаил се молел и господ го послушал. Сигурно Дедо Михаил му се молел на господ и кога верниците му ја прекинаа проповедта и почнаа да аплаудираат. Не дај боже некој од нив да држел запалена свеќа в раце. Па ако им паднеше свеќата, ќе направеа пожар. Ќе изгореа во жарот на празнувањето.
    Сега, кога на сите ни стана јасно дека господ го спасил претседателот Киро Глигоров, докторите од лекарскиот конзилиум што го лечеа можат слободно да си дадат отказ и да си отворат приватни фирми за трговија. А и ние сме биле глупави што два пати дневно ги чекавме нивните соопштенија. Штета што господ нема факс, па не можеше навремено да нé информира за здравствената состојба на Глигоров.
    Не знам како функционираат врските на господ со МВР. Можеби тој ќе им каже кој го извршил атентатот. Иако за тоа нема потреба, затоа што нема потреба ни од зголемено обезбедување на претседателот на државата. Него господ го чува.
    Затоа, се зачудив кога пред некој ден, за време на приемот по повод Божик и Нова година, што претседателот го приредуваше за дипломатскиот кор, неколку улици околу Собранието беа блокирани. Господ го славел Божик, па претседателот мораше да го чува полицијата.

    3. Премиерот Бранко Црвенковски најави реконструкција на неговата влада. Сé уште не се знае кој министер ќе отпадне и на чие место ќе дојде друг. Сигурно и тие самите не знаат, ама веројатно нешто претчувствуваат.
    Министерот за стопанство Ристо Иванов пред Нова година, џентламентски, на вработените госпоѓици и госпоѓи во неговото министерство и на акредитира­ните новинарки што го покриваат неговиот сектор им подарил црвени рози.
    Ова му било за секој случај. Си рекол: “Којзнае, можеби нема да го дочекам 8 Март на ова место!”
    Другите министри во кабинетот на Црвенковски не делеле никакво цвеќе. Ама, којзнае дали и нив им цветаат рози?

    4. Јавено е дека од сега па натаму целата стока што пазарната инспекција ќе ја заплени од нелегалните препродавачи на пазарите ќе оди за социјално загро­зените.
    Ова е генијално откритие во светски рамки. Социјалните случаи ќе зависат од ажурноста на инспекторите и од – шверцерите. Колку повеќе шверцери, толку повеќе социјална помош. Министерството за труд и социјала во иднина ќе ја прави социјалната програма врз основа на податоците за движењето на бројот на швер­церите.
    Во Уставот пишува дека Македонија покрај другото е и социјална држава. Ова е најдобар начин тоа што е запишано во теоријата да го спроведеме во живот. Никој нема право да се лути ако се рече дека сме шверцерска држава. Едни швер­цуваат затоа што се социјални случаи, па немаат друг извор за заработка. Други ќе чекаат да им ја фатат шверцуваната стока на првите, за да ја добијат како социјална помош.

    5. Министерството за надворешни работи распишува конкурс. Се бара најед­ноставно објаснување на фразата “преговори околу името”. Пожелно е да се напра­ви јасна разлика помеѓу она што значи “преговори околу името” од она што се “преговори за името”. За “разликите околу името” дополнително ќе се до­го­во­риме.
    6. И во новата година продолжија свечените коктели. И во новата година продолжи штрајкот со глад на “чиковци” од Куманово.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари