ЗАДОЦНЕТО ПАЛЕЊЕ

Најголема придобивка на светската демократија - јавното гласање

    Држ’те го Џобе, додека не одлетал со “Тетекс во светот”, зашто лошо ни се пишува. Ние сме имале генијален премиер, ама не сме го познавале.
    Му требаа четири и пол години да го фати македонски вознес и на тие “таму горе” да им манифестира задоцнето македонско палење. Со законот што шир­о­коградо му го понуди на старото едноумно собрание, македонската влада го стресе Анте Марковиќ. “Не може така, другари. Ние не ги замрзнуваме платите!” Сега во светот и пошироко познатите пребогати македонски фирми ќе можат да си делат плати кој колку што сака. Бидејќи досега Џобе и покрај сите оригинални потези не се покажа доволно безобразен како неговите колеги од Србија да краде директно од сојузната каса, не му преостанува ништо друго туку боновите за исхрана да ги промовира во македонска национална валута.
    Вгодина бројот на пензионерите ќе се намали. Ќе изумрат. А Џобе може безбедно “со Тетекс во светот”, благодарејќи на тоа што навреме ги ослободи текстилците од непотребните давачки за пензиско-инвалидско осигурување. За возврат им гарантира дека ќе останат вечно млади.
    Во исто време додека премиерот добиваше задоцнето патриотско вдахно­вение, пратениците на ВМРО и ПДП нé уверуваа дека најголема придобивка на светската демократија е јавното гласање. За да може Ратка Димитрова да гледа кој како крева рака. Бидејќи и во иднина ќе им треба контрола, по можност лично од нивниот претседател Љупчо Георгиевски, единствен начин да го внесат во парламентот е под итно да воведат втор собраниски дом – Дом на војводите.
    За сето тоа да биде регуларно и без импровизации, ќе се погрижи Благоја Ханџиски кој отсекогаш имал оригинални предлози. Тој ќе прави уставна комисија. Не е виновен човекот што не знае дека со секое собрание во пакет оди и уставна комисија. Досега и онака сите работи ги решаваше неговата ЦеКа.
    Во меѓувреме членовите на ВМРО се исправени пред уште еден историски предизвик. Како во старите добри комунистички времиња треба да се определат меѓу Љупчо и Владо. Кој не е на линијата на Гоце, Ченто и Љупче, тој не заслужува да биде во ВМРО. Дополнителен услов за лојалност е комитите да не се во никаква роднинска врска со некои од уредниците и новинарите на РТС, “Нова Македонија” и “Вечер”. За сето тоа да биде најдемократско, целиот церемонијал се изведува јавно и во присуство на војводата. Сé уште не е решено што ќе се прави со непослушните. Додека не ослободиме некој пуст остров во Егејско Море, ќе се задоволиме и со Голем Град на Преспанското Езеро.
    Засега доволен степен на послушност пројавуваат само водителите на третиот канал на Македонската телевизија. Го кинат ЈУТЕЛ. Во иднина, кога сакате да ви кажат што е интересно, јавете им се на нив. Бидејќи ЈУТЕЛ е здодевен, ќе ви пуштат билијар. Тоа е – да умреш од задоволство.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари