ЗАСПАНА УБАВИЦА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:68:"ИсусвоСкопје,аМухамедвоСтразбур

    1. Дефинитивно, Македонија стана ептен интересно место за посета. Само да се потсетиме, двапати ни доаѓаше Даглас Херд, неколку пати доаѓаа и си одеа Венс и Овен, па ни дојде Озал, Козирев, Кучан, Милошевиќ, па разни амбасадори, министри и нивни заменици и помошници, европски парламентарци, посредници, мировници, мисионери, писмоносци, бегалци, хуманитарци, лобисти, сенатори, конгресмени (од двата македонски и единствениот американски конгрес), партиски делегации, протерани азиланти, банкари, специјални пратеници, бизнисмени, банкари…
    Евангелистичката црква рекламираше дека три дена во Универзалната сала во Скопје ќе престојува и Исус. Што ќе правиш? Каде сите, таму и Исус.

    2. Исус во Скопје, а Мухамед – во Стразбур. Пратеникот на ПДП-НДП Муха­мед Халили е еден од тројцата претставници на Македонија во парламентарното собрание на Советот на Европа. Бидејќи се покажа како добар претставник во албанската делегација во КЕБС, кога пред два месеца го блокираа нашиот прием во европската организација, сега добива втора шанса: да го блокира и нашиот прием во Советот на Европа.
    Албанија минатата недела успеа и без Мухамед Халили да го оспори нашиот прием во КЕБС. Министрите членови на коалицијата ПДП-НДП поради тоа не чувствуваат грижа на совест пред своите колеги од коалиционата влада. Другите министри се прават слепи пред она што коалиционите партнери го прават против државата. Владата си тера напред. Кон целта. Задржување на власта. А целта ги оправдува средствата.
    Што се однесува до историската мисија на Мухамед Халили, таа најверојатно ќе заврши триумфално. Кога ќе се врати од Стразбур, од собраниската горовница во Скопје ќе ни се обрати со неговата омилена реченица: “Јас ќе зборам што сакам, вие ништо не ми можете!”

    3. Македонските власти ништо не му можат ни на српскиот владика Пахомие кога како низ свое буниште си се шета по селата на Скопска Црна Гора и држи говори против државата, го навредува македонскиот народ, повикува на пансла­вистичко обединување. Според вековните црковни канони, ако архијерејот сака макар и да помине низ друга епархија, а камоли да богослужи, мора да му се најави на архијерејот-домаќин. Затоа пак врањскиот епископ Пахомие не само што влегол во епархија на друга црква, туку илегално престојувал и во друга држава за да зборува против неа.
    Во нормални држави полицијата за такво нешто врши протерување. Ама, во нормални држави полицијата знае кој ѝ влегува во државата. И обично не се однесува индиферентно кога државјани на една соседна земја, од сите шверцери, па преку новокомпонирани фолк-ѕвезди, рок-групи, сомнителни театарски умет­ници, па сé до претседателот на таа држава, можат да си влезат без покажува­ње пасош и да си шпартаат каде што сакаат, лежерно однесувајќи си се, како да се во татковиот пашалак. Чучер навистина е село, ама редно е веќе и на Пахомие да му се покаже дека не е и село без кучиња.

    4. Седум илјади и петстотини идни средношколци мораа да го преполагаат приемниот испит по математика, затоа што тестовите биле провалени. Психо­лозите можат да напишат цели есеи за влијанието на повторниот стрес врз психата на петнаесетгодишниците, но не верувам дека некој од одговорните особено ќе се вознемири поради тоа. Како што со години не се грижат за сé поотворените разго­во­ри меѓу родителите околу тарифите за упис на одредени училишта и факултети.
    Премногу е очигледно, за да може да се претстави како наивно. Зошто, на пример, тестовите не беа провалени во некое друго, “обично” училиште, туку само и токму во елитната скопска гимназија “Јосип Броз Тито”, гимназијата со албански паралелки “Зеф Љуш Марку” и во Средното медицинско училиште?

    5. Можете ли да си го замислите Охрид ова лето ако, не дај боже, пратени­ците го прифатат предлогот на Владата да донесат закон со кој угостителските објекти за исхрана ќе мораат да затвораат во 11 часот навечер. Претпоставувам ќе бидат отворени само големите хотели во кои “општествениот” персонал и онака го мрзи да готви и служи до доцна во ноќта, или пак, и ако ве послужи, ќе морате да се задоволите со засмрден помфрит, овената салата, млако пиво и топла “кока-кола”. Љубителите на приватните ресторанчиња, на доцните прошетки од кафеана во кафеана, на мезето и пијачката, ќе мораат да си одат в кревет.
    Ако се случи, тоа ќе биде единствен, оригинален во светот, поттик на Владата за вонпансионска потрошувачка во текот на сезоната. Како бесплатен прилог во амбициозниот маркетиншки настап на Македонија во светот, на стручњаците што го смислија ова им подарувам неколку рекламни слогани, со кои ќе можат да ја претстават Република Македонија како интересна туристичка дестинација:
    – Македонија – земја на соништата!
    – Македонија – заспана убавица!
    – Да се наспиеме – додека е мирно!
    – Кој спие – зло не мисли!
    – Креветот е наше најголемо богатство!
    Со ова си давам за право да го повикам граѓанството, во ретките часови на будност, да ги вклучи одморените сиви мозочни клетки и да даде сопствени прилог, во презентацијата на нашата држава во светот, со нови рекламни слогани.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари