В сабота, 27 мај, по петти пат ќе се одржи трката во во планинско трчање Охрид ултра-треил, а се очекуваат 434 потврдени пријави на тркачи од 32 земји. Настанот е со различни временски стартови и локации на четирите планински трки на 110, 65, 40 и 22 километри.
Најдолгата трка насловена како и настанот Охрид ултра-треил е единствена од трките која ќе стартува на 26 мај (петок) во 23 часот од Охрид, потоа следи Галичица Ултра 65 километри со старт во 7 часот изутрина од Св. Наум, па Самотска Маратон со старт од Пештани во 9 часот, а најкратката Летница Треил започнува во 11 часот од Велгошти.
Сите трки минуваат низ патеки, врвови, гребени и долини во националниот парк Галичица, а финишот е на градскиот плоштад во Охрид.
Оваа година интересот за трките е голем, а финалната бројка на тркачи за 30% поголема од минатата година и таа брои 61 учесници на 100 км, 55 на 65 км, 95 на 40 км и 224 на 22к м.
Според организатите, спортските здуженија „Трекс“ од Скопје и „Топ Адвенчрс“ од Охрид, досега настанот континуирано бележи статистика од над 50% странски тркачи, а оваа година на трките ќе трчаат претставници од 32 земји и тоа од Шведска, Финска, Данска, Норвешка, Полска, Словачка, Чешка, Тајланд, Јапонија, САД, Франција, Португалија, Велика Британија, Словенија, Италија, како и од Србија, Албанија, Косово, БиХ и Грција.
„Приказната на Охрид Ултра-Треил започна во 2019 како настан со две трки во планинско трчање од 60 и 30 километри, а од првата бројка на учесници – 130 пријавени тркачи, за четири одлични последователни изданија Охрид Ултра-Треил прерасна во препознатлив мултинационален спортски настан кој се одвива под отворено небо. Планинското трчање е спорт во голем подем кој започнува се помасовно да се практикува од страна на луѓето особено откако ќе се осознаат неговите вистински долготрајни бенефити по здравјето и психофизичката благосостојба. Целите на овој спортско-рекреативен настан е да се понуди една уникатна планинска авантура на отворено за учесниците која се одвиваво недопрените предели на Галичица а воедно и да се промовира културното и природното богатство на охридско-преспанскиот регион кој е заштитен под УНЕСКО“, велат организаторите.