„Алкалоид“ денеска ја официјализираше соработката со Македонската теквондо федерација (МТФ), станувајќи нејзин генерален спонзор. Договорот го потпишаа генералниот директор и претседател на УО на „Алкалоид“ АД Скопје, Живко Мукаетов и првиот човек на МТФ, Борче Костовски, во присуство на олимпискиот вицешампион во овој спорт Дејан Георгиевски.
„Согледувајќи ги потенцијалите и сериозната посветеност во работењето на Македонската теквондо федерација, ‘Алкалоид‘ АД Скопје одлучи да даде сериозна финансиска и логистичка поддршка на овој ентитет во текот на 2023/24 година“, соопшти компанијата.
„Алкалоид“ повеќе децении дава поддршка за македонскиот спорт, што ги вклучува фудбалот, кошарката, ракометот, одбојката, пливањето, борењето и алпинизмот. Речиси 47 години во рамките на компанијата функционира шаховскиот клуб „Алкалоид“, а неодамна почна со работа и истоимениот ракометен клуб.