Тркачите велат дека ретко која трка како маратон остава такви последици врз телото.
Освен доколку не сте Лери Мејкон.
Седумдесет и двегодишниот Американец стигна до бројката од 2.000 истрчани маратони и неговото постигнување е уште поневеројатно, ако се знае дека тоа првпат му успеало пред само 20 години.
Тој има истрчано барем еден маратон во секоја американска сојузна држава 23 пати.
Неговиот личен рекорд е четири часа и 15 минути, но, како што вели, бројките никогаш не го оптоварувале.
„Не сум опседнат со времињата. Сум бил последен на многу трки, а еднаш имам и победено. И во таа една победа немам уживано многу повеќе. Како адвокат, имам случаи кои траат пет или десет години, па затоа е прекрасно кога можеш да завршиш нешто во рок од пет-шест часа“, вели Мејкон.
А, сѐ почнало како шега.
Работејќи како адвокат, тој развил понеделнички ритуал: се наоѓал со свои колеги, за да се фалат и лажат кој што правел за викендот.
„Еден викенд бев толку зафатен, што немав со што да се пофалам, кога фрлив поглед на весник и реков дека тренирам за маратон. Тие ме сфатија сериозно, а бидејќи маратонот беше за три недели, навистина морав да почнам да тренирам“, вели Мејкон.
Тоа беше трката во неговиот роден град Сан Антонио и потоа не можеше да запре. Во првите шест години истрчал 12 маратони, па 59 во една година, па 80… Во 2008 година истрча 105 маратони и со тоа го собори Гинисовиот рекорд. Ова го надмина во 2013 година, кога комплетирал неверојатни 255 маратони, но Гинис му призна „само“ 239.