Марија Шарапова имаше триумфален камбек на гренд слем турнирите по едно и полгодишна пауза, совладувајќи ја второрангираната светска тенисерка Симона Халеп со 6:4, 4:6, 6:3, во првото коло на Отвореното првенство на САД.
И покрај стравувањата од реакциите, камбекот на Шарапова на големата тениска сцена привлече 24.000 гледачи на трибините и таа доби топол прием кога излезе на теренот.
Триесетгодишната Русинка немаше настап на гренд слем турнирите од јануари 2016 година, бидејќи потоа доби 15-месечна суспензија, откако се потврди дека на Австралија опен играла под дејство на забранетиот препарат мелдониум.
Шарапова повторно заигра уште во април, но Ролан Гарос одби да и даде специјална покана за настап. Организаторите на Ју-Ес опен имаа поинаков пристап, па и овозможија да ги скокне квалификациите, иако таа моментално се наоѓа на 146. место на ВТА-листата.