АРНАУТОВИЌ СЕ ИЗВИНИ ШТО ГО ПЦУЕШЕ АЛИОСКИ, ФФМ БАРА ОД УЕФА ДА ГО КАЗНИ

    АРНАУТОВИЌ СЕ ИЗВИНИ ШТО ГО ПЦУЕШЕ АЛИОСКИ, ФФМ БАРА ОД УЕФА ДА ГО КАЗНИАрнаутовиќ беше снимен како го пцуе Алиоски на српски откако го постигна третиот гол на неделниот натпревар (Фото: ЕПА)

    Австрискиот репрезентативец со српско потекло Марко Арнаутовиќ негираше дека е расист, извинувајќи се за погрдните зборови што му ги упати на Езѓан Алиоски на средбата со Македонија во неделата. Фудбалската федерација на Македонија побара од УЕФА да ги истражи постапките на Арнаутовиќ.

    Тој беше снимен како го пцуе Алиоски на српски откако го постигна третиот гол, додека капитенот на Австрија, Давид Алаба, се обидува да го смири и буквално му ја затвори устата со рака.

    „Имаше жешки зборови среде емоциите на натпреварот за кои сакам да се извинам, особено на моите пријатели од Северна Македонија и Албанија. Сакам јасно да кажам една работа: јас не сум расист. Имам пријатели во речиси секоја држава и се залагам за различности. Сите кои ме знаат се свесни за тоа“, напиша Арнаутовиќ на Твитер.

    Во прв момент се чинеше дека пцовките се насочени кон Алиоски и Егзон Бејтулаи, но ФФМ соопшти дека Арнаутовиќ му се обратил само на Алиоски.

    „Најостро го осудуваме националистичкиот испад на Марко Арнаутовиќ упатен кон Езѓан Алиоски. Поднесовме официјален допис до УЕФА во кој бараме најстрога казна за Арнаутовиќ. ФФМ е секогаш против национализам, дискриминација и сите други форми на навреди и испади кои не се во духот на фудбалот и вредностите за кои сите заедно се залагаме“, објави ФФМ на Фејсбук.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира