ГИМНАСТИЧАРОТ АРТЕМ ДОЛГОПЈАТ НЕ СМЕЕ ДА СЕ ОЖЕНИ ВО ИЗРАЕЛ И ОТКАКО МУ ДОНЕСЕ ОЛИМПИСКО ЗЛАТО

    ГИМНАСТИЧАРОТ АРТЕМ ДОЛГОПЈАТ НЕ СМЕЕ ДА СЕ ОЖЕНИ ВО ИЗРАЕЛ И ОТКАКО МУ ДОНЕСЕ ОЛИМПИСКО ЗЛАТОМајката на Долгопјат не е Еврејка, со што автоматски и тој не се смета за Евреин и нема право да склучи брак (Фото: АП)

    Артем Долгопјат си го исполни сонот да стане олимписки шампион, но дома во Израел, тоа нема да му биде доволно да се ожени со својата девојка.

    Гимнастичарот роден во Украина се слави како национален херој во Израел откако му го донесе само второто олимписко злато во историјата, по едриличарот Гал Фридман во 1996 година, додека неговата мајка се пожали дека властите не му дозволуваат да се ожени, зашто според строгите закони, тој не се смета за Евреин.

    „Артем живее со девојка му веќе три години, но државата не му дозволува да се ожени. Тие можат да се венчаат во странство, но тие не му дозволуваат да оди зашто постојано мора да тренира“, изјави мајката на Долгопјат, Ангела.

    Според Законот за враќање, секој што има баба или дедо Евреин има право да добие израелско државјанство. Истовремено, според верскиот закон халача, за Евреин може да се смета само оној кој има мајка Еврејка, што не е случај со Долгопјат.

    Тој е еден од десетици илјади луѓе доселени во Израел, најмногу од бившиот Советски Сојуз, кои служат војска и живеат во земјата, но немаат право на еврејски ритуали, како венчавка и погреб.

    Израел нема систем на граѓански брак, туку еврејските венчавки мора да бидат спроведени од рабин овластен од Главниот рабинат. Христијанските и муслиманските двојки исто така мора да се венчаат во рамките на своите вери.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира