Актуелниот тренер на РБ Лајпциг, Јулијан Нагелсман, ќе премине во Баерн Минхен на крајот на сезоната и ќе потпише петгодишен договор, објави актуелниот германски и европски шампион. Ханси Флик веќе најави дека го напушта клубот и веројатно ќе биде следен селектор на германската репрезентација.
Триесет и тригодишниот Нагелсман е еден од најценетите млади тренери во Европа, а минатата сезона го одведе Лајпциг до полуфиналето на Лигата на шампионите. Тој дебитираше во Бундеслигата на 29 години како тренер на Хофенхајм.
Баерн не кажа колку ќе му плати на Лајпциг за Нагелсман, додека германските медиуми објавија дека станува збор за сума од 25 милиони евра.
„Заминувам од Лајпциг, кој е посебен клуб. Нема да кријам дека сонував да го водам Баерн и ова е уникатна шанса“, изјави Нагелсман.
Тој доаѓа на местото на Ханси Флик, кој беше привремено решение по отказот за Нико Ковач, па минатата сезона му донесе тројна круна на Баерн. За само 16 месеци на клупата, Флик освои шест трофеи.