Усмане Дембеле стана најскапиот играч во историјата на Барселона, откако го доведе од Борусија Дортмунд за 105 милиони евра и со бонуси, оваа сума би можела да порасне и до 145 милиони. Тоа е речиси двојно повеќе од вредноста на трансферот на Луис Суарес во 2014 година, за кој на Ливерпул му беше платено 80 милиони евра.
За да не и избега лесно како Нејмар, кого ПСЖ го откупи за 222 милиони евра, Барселона ја постави откупната клаузула за Дембеле на 400 милиони евра.
Дваесетгодишниот француски напаѓач сега е трет најскап фудбалер во историјата, зад Килијан Мбапе и Нејмар, со што ланскиот светски рекорд на Пол Погба ова лето беше надминат дури трипати.
Тој помина само една сезона во дресот на Борусија, за која на 32 првенствени натпревари постигна шест гола.