Тренерот на српскиот фудбалски прволигаш Раднички Крагуевац, Младен Жижовиќ, почина за време на денешниот натпревар со Младост во Лучани.
Четириесет и четиригодишниот Жижовиќ, кој работеше и во македонскиот фудбал како тренер на Шкупи, ненадејно падна покрај клупата во средината на првото полувреме и иако накратко ја поврати свеста по реакцијата на лекарските екипи, почина по 20 минути пред да биде префрлен во болница.
Роден во 1980, Жижовиќ играше за повеќе екипи од Балканот и одигра два натпревара за репрезентацијата на БиХ.
Во тренерската кариера го водеше и скопскиот клуб Шкупи во сезоната 2023/24, а најголемиот успех го оствари како тренер на Борац од Бања Лука, со кој стигна до групната фаза на Лигата на конференции минатата сезона. Во Раднички дојде пред само десетина дена.

                                    
                                    

