Дваесетина боксерски легенди, освојувачи на олимписки и светски медали од земјава и регионов, викендов ќе престојуваат во Куманово. Причина е прославата на 70-годишнината од формирањето на боксерскиот клуб Куманово, а ја организираат група на кумановски бизнисмени, поранешни боксери и љубители на боксерските вештини
„Идејата ни беше да се потсетиме на успесите на малку подзаборавените боксерски шампиони и олимпијци, кои дадоа голем придонес во развојот на светскиот и кумановски бокс. Истовремено и да го прославиме големиот јубилеј, но и да означиме почеток на обновување на боксеркиот клуб Куманово. Оваа идеја ја реализираат луѓе, вљубеници во боксот, кои сакаат Куманово повторно да стане она што беше во 70-те и 80-те години на минатиот век, кога нашиот клуб беше во првата југословенска лига и редеше светски успеси“, – вели Светислав Стојановски, иницијатор и претседател на одборот за прослава и обновување на клубот.
Прославата ќе се одржи во недела во 20 часот во ресторан „Лав“ во Куманово, а гостите пристигнуваат денеска. Предвидено е дводневно дружење и одржување на ревијален боксерски меч, а ќе бидат доделени благодарници и признанија на сите учесници и гости.
Покрај домаќините Аце Русевски, освојувач на бронзениот медал на Олимписките игри 1976 година во Монтреал и Реџеп Реџеповски, сребрениот медалист на Олимпијадата во Лос Аџелес 1984 година, на прославата ќе дојдат и Анте Јосифовиќ, Тадија Качар, Миодраг Перуновиќ, Братислав Ристиќ, Дамир Шкаро, Мирко Бузовиќ, Перо Тадиќ, Пламен Јанков, Серафим Тодоров, Петар Лесов и др.
Според организаторите, боксерскиот клуб Куманово ќе го водат кумановските олимпијци Реџеповски и Русевски, кои ќе тренираат екипа на млади боксери за државните и светски натпревари .
САКАМДАКАЖАМ.МК, за време на олимпијадата во Рио пишуваше за боксерот Реџеп Реџеповски, кој се пожали дека олимпијците се заборавени од државата и не можат своето искуство да го пренесат на младите, па затоа Македонија не може да стане спортска нација. Кратко потоа бизнисмени од градот се одлучија да го заживејат боксот во градот.