ЧКЕМБАРИТЕ ИМ СЕ ЗАКАНУВААТ НА ФИРМИТЕ НА КАМЧЕВ ДА СИ ГИ ПЛАТАТ ДОЛГОВИТЕ ВО ФК ПЕЛИСТЕР

    ЧКЕМБАРИТЕ ИМ СЕ ЗАКАНУВААТ НА ФИРМИТЕ НА КАМЧЕВ ДА СИ ГИ ПЛАТАТ ДОЛГОВИТЕ ВО ФК ПЕЛИСТЕРОпштина Битола, која сега располага со 25 проценти од акциите, е подготвена да ги преземе и другите акции и да ја нормализира состојбата со клубот, но прво досегашните мнозински сопственици да ги исплатат долговите. - Навивачката група „Чкембари“ (Фото: Фејсбук)

    „Пелистерка, ЗИК Пелагонија, Жито Битола, завршете си ги своите обврски спрема клубот, да нѐ не можите да си ги завршите вашите основни дејности“, предупреди навивачката група на ФК Пелистер „Чкембари“ на својот Фејсбук профил. Предупредувањето следуваше по изјавата на Валентин Груевски, претседател на општинскиот Совет дека мнозинските акционери не ги исплатија долговите кон фудбалскиот клуб Пелистер и тој сега е клинички мртов. Пакетот со мнозински акции од 75 проценти е во рацете на „Орка холдинг“, „Пелистерка“, ЗК „Пелагонија“ и „Жито Битола“. Сите тие фирми се сопственички поврзани со бизнисменот Орце Камчев и неговите компании.

    „Чкембарите“ во апелот на социјалните мрежи предупредија дека нема да бидат неми набљудувачи на случувањата во ФК Пелистер.

    „Апел! Да не се дозволи распад на ФК Пелистер, да не дозволиме да се повтори историјата, од куп победници до второлигаши или пак не дај боже исфрлање на клубот во четврта лига. Општина Битола, ако останатите акционери во клубот не сакаат да си ги исполнат нивните обврски ве охрабруваме истите да си ги побарате по судски пат. Не можи некој да се луксузира и да купува мерцедеси од по 100.000 евра а истовремено да си поигрува со спортската гордост на еден цел град. Исто така сакаме да ве известиме дека навивачката група нема да седи настрана и немо да ги следи овие случувања“, напишаа „Чкембарите“ на Фејсбук.

    Мнозинските акционери долговите кон клубот треба да ги исплатат најдоцна до денес (петок). Груевски изјави дека плати за фудбалерите не се исплаќале неколку месеци наназад, па долгот по тој основ достигнал меѓу 130.000 и 150.000 евра. Се должат и пари кон поранешни тренери, за превоз, разни менаџери, други вработени и добавувачи. Груевски додаде дека општината која располага со 25 проценти од акциите е подготвена да ги преземе и другите акции и да ја нормализира состојбата со клубот, но прво досегашните сопственици да ги исплатат долговите.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира