Благоја Милевски денеска и официјално беше промовиран во нов селектор на фудбалската репрезентација на Македонија, функција на која треба да остане најмалку до 2024 година. Тој го презема националниот тим од Игор Ангеловски по најголемиот успех во историјата на македонскиот фудбал, настапот на Европското првенство, додека наесен го очекува продолжението на квалификациите за Светското првенство во Катар, во кои беше забележан одличен старт.
„Не треба да нè залажува победата над Германија, која навистина е голема и нè прави конкурентни во тековните квалификации. Репер треба да ни бидат настапите од Европското првенство против противници што таму ги имавме. Само така можеме да напредуваме. Победата над Германија нема ништо да ни значи ако наесен не бидеме на потребното ниво против Ерменија, Исланд и Романија“, изјави 50-годишниот Милевски.
Горан Пандев се повлече по ЕП, но Милевски во репрезентацијата ќе начека добар дел од играчите со кои се пласираше на Европското младинско првенство во 2017, а кои во меѓувреме станаа носители на македонскиот фудбал.
„Пандев ќе недостасува и ние треба да покажеме дека сме кадарни да го надополниме неговото заминување. Ќе соработувам со многу познати ликови и возбуден сум поради тоа. Едвај чекам да се видиме повторно. Можам да ветам максимална посветеност и професионалност во работата“, рече Милевски.