Осмото издание на атлетскиот викенд „Охрид трчаТ“, ќе се одржи од 31 мај до 2 јуни. За првпат на оваа трка ќе трча маратонецот Дарио Ивановски, засега единствениот учесник од Македонија на Летните олимписки игри во Париз (26 јули-11 август), кој ќе настапи на 21 км.
Атлетскиот викенд „Охрид трчаТ“, што го организира АК „Охрид трчаТ“, почнува на 31 мај со Експо. Денот ќе продолжи со работилница со „Стреч вел“ од Србија, а ќе заврши со Ноќна трка која ќе почне во 21 часот, а на крај ќе има концерт на „Камелеон“. На 1 јуни, продолжува експото, а во 17 часот ќе се одржи панел дискусија „Децата и спортот“.
Главниот настан на 2 јуни, почнува во 07:45 часот. Стартот на трката на 21 километар е во 08:15 часот, додека трката на 5 километри стартува во 9 часот.
За време на трките во недела, во делови од Охрид ќе има посебен режим на сообраќај.
„Ги молиме граѓаните за разбирање и трпеливост и ги покануваме да бидат дел од настаните на Атлетскиот викенд ‘Охрид трчаТ’, заедно да придонесеме за уште една успешна охридска приказна“, велат организаторите.