Данскиот репрезентативец Кристијан Ериксен изјави дека е добро со оглед на околностите и објави фотографија од болничкиот кревет, три дена откако доживеа срцев удар на средбата со Финска на Европското првенство.
Дваесет и деветгодишниот Ериксен колабираше при крајот на првото полувреме и беше оживуван на теренот, пред да биде пренесен во болница во Копенхаген. Тој им се заблагодари на фановите за поддршката и пораките.
„Сега ќе навивам за момците од данскиот тим на следните натпревари. Добро сум, со оглед на околностите. Сè уште одам на испитувања, но добро сум“, изјави Ериксен.
Лекарот на данската репрезентација Мортен Бесе потврди дека Ериксен имал срцев удар.
„Колку бевме блиску да го изгубиме? Не знам, но успеавме да го вратиме со првиот удар со дефибрилатор. Засега немаме објаснување зошто се случи ова“, кажа Бесе.