По тренерот Раул Гонсалес, европскиот ракометен првак Вардар останува без уште една важна алка по завршувањето на сезоната – голманот Арпад Штербик.
Најтрофејниот унгарски клуб Веспрем и официјално потврди дека Штербик ќе биде негов играч од 1 јули наредната година, откако потпиша договор на две сезони.
„Имав неколку понуди, но не можев да го одбијам повикот на Веспрем. Тоа е еден од најдобрите клубови во Европа и воопшто не се премислував“, кажа Штербик за сајтот на Веспрем, во којшто се враќа по цели 14 години.
Легендарниот шпански голман роден во Србија дојде во Вардар како сензационално засилување во 2014 година и тоа се покажа како еден од најдобрите потези во историјата на клубот.
Иако неодамна го прослави 38. роденден, тој сѐ уште важи за еден од најдобрите светски голмани, што неретко го докажуваше во црвено-црниот дрес, во којшто стана миленик на навивачите и клупска икона и годинава по четврти пат ја освои Лигата на шампионите.