ФИФА не планира да го замени Иран со Италија на претстојното Светско првенство во САД, Канада и Мексико, рекоа извори од светската фудбалска организација, откако ваква идеја изложи специјалниот пратеник на Доналд Трамп, Паоло Замполи.
„Потврдувам дека им предложив на Доналд Трамп и Џани Инфантино да го заменат Иран со Италија на Светското првенство. Јас сум Италијанец по потекло и би било сон да ги гледам ‘аѕурите‘ на светско првенство организирано од САД. Со четири светски титули, Италија има педигре за оправдување за нејзино вклучување“, изјави Замполи.
ФИФА официјално не го коментираше предлогот на Замполи, само повтори дека иранскиот тим сигурно доаѓа на Мундијалот. Неизвесноста околу ова постоеше откако почнаа американско-израелските напади врз Иран, но тој неодамна го потврди своето учество.
Според „Фајненшл тајмс“, Замполи на овој начин сакал да ги поправи односите помеѓу САД и Италија, откако премиерката Џорџа Мелони го критикуваше Трамп за неговите коментари за папата Лав.
Италија не се пласираше на третото светско првенство по ред откако изгуби од БиХ во финалето на плеј-офот, а предлогот на Замполи не беше добро прифатен и во самата Италија. Министерот за спорт Андреа Абоди кажа дека тоа би било несоодветно, а министерот за економија Џанкарло Џорџети рече дека идејата е срамна.



