Видео-технологијата (ВАР) ќе се користи на претстојното Светско фудбалско првенство во Русија, откако нејзина употреба беше одобрена од челниците на ФИФА на денешниот состанок во Цирих.
Таа веќе почна да се применува на натпреварите од Лига купот во Англија, како и во Германија и Италија.
„Од денеска, видео-технологијата е дел од фудбалот. Многу сме позитивни околу овој потег“, кажа претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, додавајќи дека оваа одлука треба да биде потврдена на 16 март.
Таа ќе се користи во ситуациите да се провери дали имало/немало гол, дали имало/немало пенал, дали е правилно досуден директен црвен картон или втор жолт и дали судијата казнил вистински играч.
Видео-снимките за првпат беа испробани на Светското клупско првенство во декември 2016 година, а потоа беа тестирани и на ланскиот Куп на конфедерации.