Хрватскиот боксер Филип Хрговиќ стана светски првак во тешка категорија во верзијата на Меѓународната боксерска федерација (ИБФ) откако во Лондон го порази младиот Британец Мозес Итаума. Тој беше изнесен на носилки од рингот откако беше нокаутиран во деветтата рунда, иако доминираше во голем дел од борбата во „02 арената“.
Ова беше втор обид на Хрговиќ да стане светски шампион во тешка категорија откако пред две години изгуби од Даниел Дибоа. Појасот на ИБФ стана слободен откако Олександр Усик го предаде во јуни.
Триесет и четиригодишниот Хрговиќ преживеа нокдаун во втората рунда, но се покажа поиздржлив од противникот, кој никогаш во кариерата не стигнал до седма рунда. Тој направи голем пресврт во деветтата рунда, кога го кутна 13 години помладиот Итаума со серија силни удари, по што судијата го прекина мечот.
Итаума немаше пораз во досегашните 14 професионални борби, но овојпат заврши во болница.
„Тој премногу се расфрлаше со удари, се бореше како аматер. Знаев дека треба да издржам и да чекам да се замори и ќе биде мој во подоцнежните рунди“, рече Хрговиќ.



