Неколку Иранки покажаа на што сѐ се подготвени само за да влезат на стадион и да гледаат фудбалски натпревар, што најчесто им се забранува на жените во оваа земја.
Носејќи бради и перики, тие се маскираа во мажи за да бидат присутни кога нивниот омилен клуб Персеполис ќе ја прослави шампионската титула на средбата со Сепидрод, на стадионот „Азади“ во Техеран.
Иако во Иран официјално не им е забрането на жените да присуствуваат на спортски натпревари, многу често не им се дозволува влез на трибини.
Во минатото, тие дури беа казнувани за ова. Британско-иранската активистка Гонче Гавами беше приведена откако дојде да гледа машки одбојкарски натпревар во 2014 година, а во март годинава, 35 жени беа приведени откако се обиделе да влезат на стадион.
Една од жените на фотографиите што се проширија на социјални мрежи призна дека веќе трипати го употребила овој трик за да влезе на стадион, со тоа што користела различни маска и шминка.
„Само еднаш досега бев запрена од обезбедувањето. Сега ги поминавме двете контроли во група и никој ништо не забележа. Дури кога седнавме на трибина, сите сфатија. Некои се сликаа со нас и ни дадоа поддршка“, вели таа.