Фудбалската репрезентација на Косово е на еден меч до својот прв настап на светските првенства откако во Братислава ја совлада Словачка со 4:3. Во финалето на плеј-офот, Косово ќе игра против Турција на стадионот „Фадил Вокри“ во Приштина на 31 март, а победникот оди на Светското првенство во САД, Канада и Мексико.
Словачка, која не ја призна независноста на Косово, двапати водеше, пред гостинската репрезентација да го сврти резултатот и да поведе со 4.2. Конечните 3:4 беа поставени на самиот истек на натпреварот.
Косово, кое стана член на УЕФА и ФИФА во 2016, го имаше своето официјално деби во квалификациите за СП 2018. До плеј-офот стигна откако во тешката квалификациска група со Швајцарија, Словенија и Шведска заврши на второто место.
Селекторот Франко Фода вели дека е свесен дека ентузијазмот во Косово ќе расте уште повеќе по резултатот во Братислава, но нагласи дека Турција е силен противник.
„Финалето го играме пред 13.000 гледачи. Да имаше поголем капацитет, можеби ќе имаше 100.000. Блиску сме до историјата, нѐ дели само еден натпревар, но мора да имаме предвид дека Турција е силен тим. Имаме емотивни навивачи, но мора да бидеме внимателни. Успехот се постигнува само со одржување на смиреност“, нагласи 59-годишниот Германец.



