Во конкуренција на 112 шахисти на меѓународниот турнир во брзопотезен шах што се одржа во Штип, за победник е прогласен косовскиот интернационален мајстор Ндери Сарачи кој поради подобар скор во девет одиграни партии беше поуспешен од српскиот велемајстор Иван Иванишевиќ. По него, на ранг-листата се пласираа неговите сонародници, велемајсторите Милош Станковиќ, Данило Ивановиќ, Вјачаслав Тивичев, потоа норвешкиот шахист Евгени Романов, па македонскиот интернационален мајстор Никола Николовски, осми се Мухамед Аслани од Косово, Горан Тодоровиќ од Србија и младиот македонски шаховски мајстор, Тони Лазов.
Турнирот го следеше судиска тројка на чело со интернационалниот судија и мајстор Тони Кироски од Прилеп.
Ова е првиот меѓународен турнир во брзопотезен шах во Штип по 55 години, а учествува шахисти од десетина европски земји, од кои 30 велемајстори, интернационални или ФИДЕ мајстори.
Сите поискусни шахисти кои учествуваа на овој брзопотезен шаховски турнир рекоа дека е добро што повеќе од половината учесници на турнирот се на возраст од 12 до 20 години. Награда за најдобро пласиран млад шахист до 18 години доби Андон Златков од Македонија, а за над 65 години бугарскиот шахист Методи Стоинев. Награда за најдобра шахистка доби Маја Величковска, а најдобар шахист Штип е прогласен поранешниот младински репрезентативец Никола Бујуклиев. Најмлад учесник на турнирот беше седумгодишниот Бенџамин Брнс од Скопје.
Вкупниот награден фонд изнесуваше 130.000 денари, но по успешната организација на првиот ваков турнир, организаторот шаховскиот клуб „Напредок“ од Штип најави дека турнирот ќе биде традиционален и ќе настојува вториот да биде со далеку поголем награден фонд.
Т. ЈОВАНОВСКИ