КУМАНОВО ПРОГЛАСЕНО ЗА ЕВРОПСКИ ГРАД НА СПОРТОТ ЗА 2019

    КУМАНОВО ПРОГЛАСЕНО ЗА ЕВРОПСКИ ГРАД НА СПОРТОТ ЗА 2019Градоначалникот Димитриевски ја слушна одлуката во друштво на кумановски спортски легенди (Фото: СДК.МК)

    Куманово ја доби титулата Град на спортот за 2019 година од Европската асоцијација на градови на спортот (АCES Europe) од Брисел. Куманово се кандидираше за ова признание во категоријата средни градови од 25.000 до 500.000 жители.

    „Ги посетивме сите спортски објекти и пријатно сме изненадени што градот дава посебен акцент на развој на спортот на сите возрасти и на лицата со попреченост. Се надевам дека Куманово и во 2019 година со ист интензитет ќе продолжи да го развива спортот. Ние очекуваме на секои три месеци да видиме како Куманово напредува во спортот и ви посакувам да уживате во признанието“, изјави Џон Свонсон, потпретседател на Асоцијацијата на градови на спортот во Европа.

    Во името на граѓаните и спортските работници, на укажаната доверба се заблагодари градоначалникот Максим Димитриевски.

    „Макотрпната работа на генерации и генерации спортски работници од нашиот град сега е потврдена од страна на Европската асоцијација на градови на спортот. Ние не застануваме тука, имаме намера да продолжиме сите заедно да го развиваме спортот, за да дадеме еднакви можности на сите, но секако и да ги мотивираме младите луѓе и возрасните да спортуваат, рекреираат и да водат здрав живот“, изјави Димитриевски, кој ја слушна одлуката заедно со боксерските легенди Аце Русевски и Реџеп Реџеповски, фудбалерите Саша Ќириќ и Вујадин Станојковиќ, стрелачот Бранимир Јовановски и на други спортисти, кои дадоа поддршка за апликацијата.

    Градовите на спортот имаат обврска во текот на годината да работат на популаризација и унапредување на спортот и да организираат спортски настани, манифестации и натпревари во рамките на сопствените можности и проценки.

    Шпанскиот град Логроњо имал економски бенифит од оваа титула од 44 милиони евра.

    Доделувањето на повелбата ќе се случи на 4 декември во Европскиот парламент во Брисел, а ќе ја добијат уште 40-ина градови во разни конкуренции. Досега ниеден град од Македонија не добил вакво признание.

    С. НИКОЛИЌ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари