Сопственикот на Лестер Вишај Шривадханапраба е едно е петте лица кои загинаа во падот на хеликоптерот во близина на стадионот „Кинг пауер“ во саботата вечер, непосредно по завршувањето на натпреварот со Вест Хем, потврди клубот.
Покрај 61-годишниот тајландски милијардер, во несреќата загинале и двајца негови соработници и два члена на екипажот.
„Со големо жалење и скршено срце можеме да потврдиме дека нашиот претседател Вишај Шривадханапраба е меѓу оние кои трагично ги загубија животите во падот на хеликоптерот. Никој од петте луѓе во хеликоптерот не преживеал“, соопшти Лестер.
Како сопственик и прв човек на клубот, Шривадханапраба уживаше голема популарност во градот. Тој вложи повеќе од 700 милиони фунти во Лестер откако го купи во 2010 година и успеа да го одведе до првата шампионска титула шест години подоцна, кога на клубот за тоа му се даваа шанси од 1:5000.
„Никогаш во животот не сум сретнал човек како него. Толку вреден, посветен и страсен. Тој на сите им даде надеж дека невозможното е возможно. Имаме голема одговорност како клуб и поединци да го чествуваме“, изјави голманот на Лестер, Каспер Шмајхел, кој беше сведок на несреќата.
Шривадханапраба, кој важеше за петти најбогат човек во Тајланд, редовно доаѓаше на мечевите на Лестер на домашен терен и потоа веднаш се враќаше за Лондон, полетувајќи со хеликоптерот од теренот.