Лео Меси и официјално стана играч на Интер Мајами откако потпиша две и полгодишен договор, со што првпат во својата кариера ќе игра надвор од Европа. И додека бројни фудбалски ѕвезди ова лето се одлучија за трансфер во Саудиска Арабија, Меси ги избра САД и клуб чиј косопственик е Дејвид Бекам.
„Возбуден сум што го почнувам ова ново поглавје во мојата кариера. Ова е фантастична можност и заедно ќе продолжиме да го градиме овој прекрасен проект“, изјави 36-годишниот Меси, кој ќе заработува меѓу 50 и 60 милиони долари годишно.
Тој го напушти Пари Сен-Жермен по завршувањето на сезоната и потоа одби богата понуда од Саудиска Арабија, каде што трансфер направија Карим Бензема, Нголо Канте, Сергеј Милинковиќ-Савиќ, Роберто Фирмино, Марцело Брозовиќ, Калиду Кулибали и други.
Се очекува Меси да дебитира за новиот клуб на 21 јули.
„Пред десет години, кога почнав да го градам тимот на Интер, реков дека сонувам да ги донесам најдобрите играчи на светот во овој неверојатен град. Денеска тој сон стана реалност“, изјави Бекам.