Еден Азар навести дека го одиграл последниот натпревар за Челзи, откако го предводеше до вториот триумф во Лига Европа, постигнувајќи два гола во победата над Арсенал од 4:1 во финалето во Баку. Најдобриот белгиски фудбалер се поврзува со трансфер во Реал Мадрид и вели дека ја „чека одлуката на двата клуба“.
„Мислам дека ова беше збогум, но во фудбалот никогаш не се знае“, изјави Азар.
Слично размислува и тренерот Маурицио Сари.
„Знам дека сака да си замине и јас ја почитувам неговата одлука. Тој е прекрасен играч и човек. Тој е чудно момче, но кога ќе го запознаете подобро, а мене ми треба неколку месеци, сфаќате дека е извонреден“, кажа Сари, кој, пак, се најавува како нов тренер на Јувентус.
Азар одигра 352 натпревари и постигна 110 голови за „сините“ откако дојде од Лил во 2012 година.
„Ќе решам за неколку дена, но мислам дека е време за нов предизвик“, кажа Азар.