Лука Модриќ објави дека ќе го напушти Реал Мадрид летово, по завршувањето на настапите на Светското клупско првенство. Последниот меч на домашен терен ќе го одигра овој викенд, против Реал Сосиедад.
„Моментот дојде. Момент што никогаш не сум сакал да дојде, но тоа е фудбал, а во животот сѐ има почеток и крај“, напиша 39-годишниот Хрват на Инстаграм.
Тој заминува како најтрофејниот играч во историјата на клубот, со кој освои 28 титули, од кои шест во Лигата на шампионите и четири во шпанското првенство.
„Пристигнав во 2012 со надеж да го носам дресот на најголемиот клуб на светот и со амбиција да направам големи работи. Горд сум што бев дел од една од најуспешните ери на најдобриот клуб во историјата“, кажа Модриќ, кој оваа сезона е првиот капитен.
За 13 сезони, Модриќ одигра 520 натпревари за Реал, на кои даде 43 голови и 95 асистенции.