Бенфика го назначи Жозе Мурињо за нов тренер, со кого потпиша договор до лето 2027. Славниот Португалец ќе го наследи Бруно Лаж, кој беше отпуштен по поразот од Карабаг во првото коло на Лигата на шампионите во вторникот.
Мурињо се враќа во португалскиот фудбал по цели 21 година и тоа во клубот во кој ја почна тренерската кариера во 2000. Тогаш си замина по само десет натпревари откако се скара со претседателот на клубот.
„Специјалниот“, прекар што самиот си го даде, потоа се прослави со Порто, со кое ја освои и Лигата на шампионите, по што со голем успех ги водеше и Челзи и Интер. По помалку успешни авантури во Реал Мадрид и Манчестер јунајтед, продолжи во Тотенхем, Рома и Фенербахче, каде што доби отказ пред еден месец.
Сега 62-годишен, Мурињо освои само еден трофеј во изминатите осум години, Лига на конференции со Рома во 2022.