Македонија ќе игра за гордост, а Англија за уигрување на тимот за Европското првенство во Германија. Вака селекторот на Англија, Герет Саутгејт, го најави утрешниот дуел Македонија-Англија на стадионот „Тоше Проески“ во Скопје, со кој се затвораат квалификациите за ЕП 2024.
Англија одамна го обезбеди пласманот и во Скопје ќе биде без некои од своите најдобри играчи, за што делумно се виновни и повредите. Од таа причина отпаднаа Џејмс Мадисон и најдобриот млад фудбалер на светот, Џуд Белингем, а последното откажување дојде денеска, кога Киран Трипие се повлече од тимот од приватни причини.
„За Македонија овој меч е прашање на гордост, ривалот беше тешко ранет на првата средба во Манчестер. Ние повторно очекуваме добар резултат. Ова е еден од натпреварите на кој го склопуваме и уигруваме тимот за Европското првенство. Сите се свесни дека имаат конкуренција. На последниот меч со Малта не бевме на ниво и затоа мора да ја подобриме ефикасноста“, изјави Саутгејт на прес-конференцијата во Скопје.
Англичаните, кои се без пораз од Светското првенство во Катар, нема да имаат тренинг во Скопје, а мечот се игра утре од 20:45 часот.