(За САКАМДАКАЖАМ.МК од Гелзенкирхен: Томислав Димишковски)
Навивачите на Шалке на денешниот фудбалски меч со Херта во Гелзенкирхен истакнаа транспарент „Брзо оздравување Златко“ за поддршка на момчето избодено завчера на автобуската постојка „Рекорд“ во Скопје, а припадник на навивачката група Комити. Транспарентот беше поставен во 75. минута од натпреварот од германската Бундеслига на северната трибина на „Фелтинс Арена“.
„Транспарентот е во знак на солидарност со Комити“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК Пјер, надлежен за кореографија во навивачката група Уге, која е збратимена со Комити.
Станува збор за 16-годишниот Златко Т., кој на 1 март на автобуската постојка „Рекорд“ во Скопје беше нападнат од повеќе лица и прободен неколку пати со остар предмет во пределот на стомакот, по што беше хоспитализиран во болницата „Св. Наум Охридски“.
Полицијата уште трага по сторителите.