Иран беше првата држава која се квалификуваше на годинашното Светско фудбалско првенство во САД, Канада и Мексико, но неговиот настап е неизвесен откако САД и Израел лансираа напади врз земјата.
Иран беше единствената земја која немаше претставник на претходно договорената тридневна средба на земјите-учеснички, што се одржа во Атланта.
„Не ми е гајле дали Иран ќе учествува. Мислам дека Иран е тешко поразена земја“, кажа Доналд Трамп на 100 дена до почетокот на Мундијалот.
Иран прво треба да игра со Нов Зеланд во Лос Анџелес на 15 јуни, шест дена подоцна се среќава со Белгија на истиот стадион, а на 26 јуни е мечот со Египет во Сиетл.
По почетокот на нападите, претседателот на Иранската фудбалска федерација Мехди Таџ најави дека можеби нема да испратат тим на првенството.
„Она што е сигурно е дека по овој напад не можеме да го очекуваме Светското првенство со надеж“, изјави Таџ.
Уште пред почетокот на воениот конфликт беше прашање дали на иранските навивачи и функционери ќе им биде дозволено да присуствуваат на првенството. Иран е една од двете земји-учеснички кои се погодени од најрестриктивната забрана за патување во САД, што Трамп ја воведе минатиот јуни. Забраната не се однесува на тимовите, но за визите за владини личности и претставници на спонзорските компании, секој случај ќе се разгледува поединечно.
„Сакаме ова да биде безбедно и сигурно светско првенство. Сакаме тимовите да бидат тука и да играат, но исто така сфаќаме дека повеќето навивачки бази ќе дојдат за да уживаат во неверојатно светско првенство. Но, би било глупаво да се очекува дека едноставно ќе ги отвориме нашите граници“, кажа Ендрју Џулијани, шефот на Работната група за Светското првенство на Белата куќа.



