Скијачката легенда Линдзи Вон изјави дека не жали за ништо откако тешко падна на олимпискиот спуст во Кортина пред два дена, при што се здобила со сложена фрактура на левата потколеница, за што ќе ѝ требаат неколку операции.
Четириесет и едногодишната Американка презеде голем ризик одлучувајќи да настапи само девет дена откако ги скина предните вкрстени лигаменти во левото колено. Таа беше на патеката само 13 секунди, кога закачи капија, изгуби контрола и падна. Откако долго време ѝ се укажуваше помош на патеката, Вон беше превезена со хеликоптер во болница во Тревизо, каде што истиот ден беше оперирана.
„Мојот олимписки сон не заврши како што сонував дека ќе биде. Тоа не беше крај од книга или бајка, тоа беше само живот. Се осмелив да сонувам и работев толку напорно за да го постигнам тоа. Иако денот не заврши онака како што се надевав, и покрај силната физичка болка што ја предизвика, не жалам за ништо. Стоењето на стартната порта беше неверојатно чувство што никогаш нема да го заборавам. Тоа што стоев таму и имав шанса да победам беше победа само по себе“, напиша Вон на Инстаграм.
Нејзиниот татко Алан Килдоу кажа дека таа веќе нема да скија.
„Таа има 41 година и ова е крај на нејзината кариера. Нема веќе да има скијање за Линдзи Вон сѐ додека јас се прашувам за тоа“, рече Килдоу.
Тој одби да коментира за нејзините повреди, туку кажа дека Линдзи е силна личност која знае да се носи со тешки околности.
Откако се пензионираше во 2019, олимписката шампионка од 2010 имаше одличен камбек оваа сезона, забележувајќи две победи во Светскиот куп, но на 30 јануари го повреди левото колено на трката во Кран-Монтана. И покрај тоа, не се откажа од настапот на ЗОИ.
„Скијањето секогаш било и секогаш ќе биде неверојатно опасен спорт. Понекогаш не ги остваруваме соништата за кои знаеме дека можеме да ги имаме. Но, тоа е убавината на животот; можеме да се обидеме. Животот е премногу краток за да не ризикувате. Бидејќи единствениот неуспех во животот е да не се обидувате. Се обидов. Сонував. Скокнав“, кажа Вон.



