Лорел Хабард, која се натпреварува во кревање тегови, ќе биде прва трансродова спортистка во историјата на Олимписките игри откако беше избрана во новозеландската репрезентација за Токио.
Четириесет и тригодишната Хабард ќе биде конкурентка за медал кога ќе се одржуваат натпреварите во супертешка категорија на 2 август, но критичарите сметаат дека ќе има неправедна предност зашто поминала низ пубертетот како машко. Таа се натпреваруваше во машка конкуренција пред да направи транзиција во жена во 2013.
„Пресреќна сум што влегов во тимот. Благодарна сум за поддршката што ја добив од толку многу Новозеланѓани. Кога ја скршив раката пред три години, ми кажуваа дека мојата кариера е завршена, но со ваша поддршка поминав низ тие мрачни времиња“, изјави Хабард.
Таа освои сребрен медал на Светското првенство во 2017, а две години подоцна беше шеста.
Меѓународниот олимписки комитет во 2015 година ги промени правилата поврзани со трансродови спортист, кога им дозволи да учествуваат на ОИ.