Олимпискaтa шампионкa во бокс Имане Хелиф мора да помине генетски скрининг за пол за да учествува на претстојните настани што ги организира новото раководно тело на овој спорт „Светски бокс“. Телото вчера најави задолжително тестирање за пол за сите спортисти и конкретно ја спомена 26-годишната Хелиф кога го објави ова правило, велејќи дека алжирската боксерка мора да биде прегледана пред да ѝ биде одобрено да учествува на какви било претстојни настани, меѓу кои и Купот на Ајндховен следниот месец во Холандија.
„Воведувањето задолжително тестирање ќе биде дел од новата политика за ‘Пол, возраст и тежина’ за да се осигури безбедноста на сите учесници и да се обезбеди рамноправен терен за мажите и жените“, пишува во соопштението на „Светски бокс“. Националните федерации на боксерите ќе бидат одговорни за спроведување на тестовите и обезбедување на резултатите до „Светски бокс“.
Хелиф го освои златниот медал на Олимписките игри во Париз 2024 по меѓународната контрола врз неа и Тајванката Лин Ју-тинг, уште една добитничка на златен медал. Претходното раководно тело за олимписки бокс, Меѓународната боксерска асоцијација (ИБА) во која доминира Русија, ги дисквалификуваше двете боксерки од светските првенства во 2023, откако тврдеше дека паднале на неодреден тест за подобност кој покажал дека имале многу високи нивоа на тестостерон, како мажи.
Меѓународниот олимписки комитет (МОК) ги одржа изминатите два олимписки боксерски турнири по протерувањето на ИБА поради децениски злоупотреби и контроверзии, и ги примени правилата за подобност за пол што се користеа на претходните Олимписки игри. Хелиф и Лин имаа право да се натпреваруваат според тие стандарди. Хелиф има намера да се врати на меѓународните натпреварувања следниот месец во Ајндховен како дел од нејзиниот план да го одбрани златниот медал на Олимписките игри во Лос Анџелес, но некои боксери и нивните федерации веќе се огласија со протест поради нејзиното вклучување.
Пред три месеци, „Светска атлетика“ – управното тело за атлетика – стана првиот олимписки спорт кој повторно го воведе хромозомското тестирање, барајќи од спортистите кои се натпреваруваат во женски дисциплини да се подложат на тестот еднаш во својата кариера.
Тестирањето на хромозомите беше вообичаено во олимписките спортови во текот на 20 век, но во голема мера беше напуштено во 1990-тите поради бројните нејаснотии кои не можеа лесно да се решат со тестовите, колективно познати како разлики во развојот на полот (ДСД). Многу спортови се префрлија на тестирање на хормони за да се утврди подобноста за полот, но тие тестови бараат од раководните тела да донесат тешки одлуки за подобноста на жените со природно високи нивоа на тестостерон.