Олимпискиот комитет на Северна Македонија му изрече четиригодишна суспензија на некогашниот голман на ракометната репрезентација Борко Ристовски, забранувајќи му да се занимава со спортските дејности во тој период. Одлуката ја донесе Дисциплинската комисија на ОКСМ, по пријава од претседателот на ОКСМ, Даниел Димевски.
„На 2 март, како претставник на политичка партија, Борко Ристовски изнесе груби лаги, клевети и невистини и ширеше неточни информации за претседателот на Олимпискиот комитет на Северна Македонија, Даниел Димевски, кои можат да бидат штетни за ОКСМ, федерациите-членки на ОКСМ и за спортистите. Тој притоа прекршил повеќе закони, членови на Статутот на ОКСМ и Дисциплинскиот правилник на ОКСМ“, стои во соопштението на Олимпискиот комитет.
Како резултат на ова, на Ристовски му се забранува да врши каква било работа во олимпискиот спорт во период од четири години. Тој има право на жалба во рок од осум дена.