Планинарска експедиција од неколку градови и клубови во Македонија вчера се искачи на Голем Арарат (5.137 метри), највисокиот врв во Турција. Таму се искачија осуммина планинари од Велес, Битола, Кавадарци, Куманово и Скопје, од кои единствената жена беше 68-годишната Сара Сарева од Скопје.
Покрај неа, во експедицијата беа и Слободан Симоновски, Денис Тасески, Горан Дамевски, Сашо Борисовски, Димитар Марков и Ѓорги Белевски, предводени од искусниот планинар Тодорче Ѓоргиев, претседател на Друштвото за планинарски спортови „Азот“ од Велес, кој беше организатор и водич на искачувањето. На него ова му е трето искачување на Арарат, а за останатите беше прво.
„На врвот се искачивме во крајно лоши временски услови. Од Македонија тргнавме на температура од плус 40 степени, а таму нè пречекаа студени ноќи со температури и до -20. Уште од првите базни станици нè следеа силен ветер, магла, дожд, град и грмотевици, а на врвот имаше сонце и снег. Но, сето тоа го издржавме и на врвот го развиоривме македонското знаме“, вели Ѓоргиев.
Во текот на четиридневното искачување на Арарат пригодно го одбележале празникот Илинден, а попат се сретнале со планинари од други земји. На планинари од Русија им подариле слика на тема Тешкото, изработена од срма.
Ѓоргиев во јануари 2022 планира искачување на најголемиот планински масив во Африка, Килиманџаро.
Т. ЈОВАНОВСКИ