Поранешниот најдобар светски фудбалер Џорџ Веа прогласи победа на претседателските избори во Либерија, што е првиот демократски трансфер на власта во оваа африканска држава во последните седум децении.
Речиси 2,2 милиони гласачи избираа помеѓу 51-годишниот Веа и досегашниот потпретседател Џозеф Боакај.
Веа, кој во 90-ите години беше еден од најдобрите напаѓачи на светот, постигнувајќи над 100 гола во дресот на Монако, ПСЖ и Милан, се вклучи во локалната политика во 2005 година, кога првпат објави дека има амбиции да се кандидира за претседател. Иако не успеа во првиот обид, тој цело време остана активен во либериската политика.
„Сѐ е јасно, само чекаме изборната комисија да ги објави резултатите и да го прогласи Веа за победник. Го повикуваме Боакај да го признае поразот“, кажа советникот на Веа, Морлуба Морлу.
Веа е единствениот африкански фудбалер кој ја освоил Златната топка на ФИФА, во 1995 година и африканскиот фудбалски свет ја поздрави неговата победа на изборите.