Арманд Дуплантис постави нов светски рекорд во скок со стап на Олимписките игри во Париз откако остана последен натпреварувач на теренот во вечерната програма. Бодрен од ривалите и полните трибини на „Стад де Франс“, 24-годишниот Швеѓанец веќе го имаше обезбедено златниот медал, кога во последен обид прескокна височина од 6,25 метри и за еден сантиметар го подобри рекордот што го оствари во април.
Двократниот светски првак сега го има соборено светскиот рекорд во девет ситуации и стана првиот скокач кој ја одбранил олимписката титула од Американецот Боб Ричардс во 1956 година.
„Ова е една од оние работи за кои не веруваш дека се реални. Ова е вонтелесно искуство. Најголемиот сон како дете ми беше да го соборам светскиот рекорд на Олимписки игри и тоа ми успеа пред најлудата публика пред која некогаш сум се натпреварувал. Ова ќе се прослави со голема забава. Нема да спиеме, ќе славиме“, изјави Дуплантис.
Американецот Сем Кендрикс, кој цело време му даваше голема поддршка на Дуплантис, освои сребро со 5,95 метри, а трет беше Гркот Емануил Каралис со 5,90 метри.
Неговиот татко Грег е Американец кој се натпреварувал против големиот Сергеј Бубка, додека мајка му Хелене беше седмобојка. Најдобриот резултат на татко му од 5,80 метри го надминал уште на 17-годишна возраст.
Дуплантис првпат го собори светскиот рекорд на 20 години, во февруари 2020, кога прескокна 6,16 метри и во меѓувреме значително го надмина Бубка, кој 17 пати го уриваше рекордот од 1984 до 1994.