За само три години, сениорскиот состав на Академијата на Горан Пандев стигна до Првата фудбалска лига. Секоја година беа шампиони. Прво во општинската, потоа во Третата лига – Исток, а годинава во Втора фудбалска лига. Сето ова преставува рекорд за македонски услови и сите очекуваат догодина повторно кревање пехар од ФФМ.
Академијата, која беше формирана да гради фудбалски таленти, пишува успешна приказна и со сениорскиот состав, во кој половина од играчите се млади надежни фудбалери, не само од Струмица, туку од цела држава.
„Патот до овој успех воопшто не беше лесен. Постојано имавме ‘сопки’, но успеавме да докажеме дека со професионализам и организираност може да се успее. Не се надевав, но сега сум горд што Академијата за кус период се најде во Првата лига, а тоа се должи пред сѐ на контуинираните вложувања, како во младите, така и во инфраструктурата. Ја сум задоволен што голем број деца овде тренираат и сакам да им упатам порака да работат, да тренираат и да веруваат во себе“, рече фудбалерот на Џенова Горан Пандев, кој го крена шампионскиот пехар со својот брат Сашко и братучедот Томи Пандев, кои се ангажирани во Академијата.
Академијата на Пандев функционира седум години. Во почетокот се фокусираа на работа со младите, но мораа да пријават сенироски тим за да се натпреваруваат младите под капата на Фудбалската федерација на Македонија. Паралелно почна да се гради и спортскиот центар „Пандев“, кој летово треба да финишира и да го сефтосат младите на Интер каде настапуваше и Горан. Не сакаше да открие колку го чини овој проект, но вели дека мора да се сврти нов лист во македонскиот клупски фудбал.
„Треба европски терк на работа, а под европски се мисли на постојани вложувања, како во усовршувњето на стручниот штаб, така и во спортската инфраструктура. Го градиме спортскиот центар и летово тој треба да биде готов и првиот натпревар од Првата лига да го играме на наш стадион. Нашата намера е да градиме квалитетни млади фудбалери и да им ги отвориме широко портите на европскиот фудбал“, вели Горан кој со чочек и музика го прослави пласманот во фудбалската елита на Македонија.
Во моментов, во Академијата на Горан тренираат 250 деца и се натпреваруваат дури во 14 детски, регионални и супер лиги. За нив се задолжени 14 тренери во сите категории. Успехот според Југослав Тренчовски е добрата организација, контуинираната работа, но и инвестициите што се прават
„Функционираме како едно семејство и се стремиме да бидеме европски клуб, оти само така ќе има успеси. Не сакаме да потценуваме никого, но кај нас се работи континуирано, напорно и постојано се инвестира. Годишно со младите учествуваме на 12 до 15 меѓународни турнири. Децата стекнуваат искуство. Јас сум горд што сега станавме и прволигаш, но ќе бидам горд кога ќе заврши и центарот кога ќе бидеме на свој терен“, рече Југослав.
Академијата во овој седумгодишен период отвори свои преставништва во Охрид, Скопје и Штип. Во план се да се прошират и во Тетово, Битола и другите фудбалски центри во Македонија за да им се даде можност на македонските фудбалери преку Горан Пандев да ги види Европа.
„Познато е на јавноста дека Јани Атанасов има преддоговор со Интер, Миловановиќ со Киево. Но, тие не се единствени туку има многу други деца кои се мета на големи фудбалски клубови“, кусо кажа Тренчовски.
Академија Пандев како нов прволигаш планира пет искусни засилувања и со квалитетни подготовки да биде сериозен тим во македонското фудбалско друштво. Дел од фудбалерите кои остануваат велат дека со ваква работа догодина во мај да ја меркаат Европа. Горан Пандев и Југослав Тренчовски велат дека секоја шанса ќе се искористи, но целта, пред сѐ, им е да градат млади квалитетни фудбалери
В. ТРАЈКОВ