Пилотот на хеликоптерот во кој пред една година загинаа Коби Брајант, неговата ќерка Џана и уште седум лица ги прекршил правилата на летање со тоа што решил да лета низ густи облаци, заклучи истрагата.
Хеликоптерот удри во рид во близина на Калабас, Калифорнија, на 26 јануари минатата година, при што загина и пилотот Ара Зобајан. Тој им кажал на контролорите на летот дека се издигнува над густи облаци кога всушност се спуштал, па Националниот борд за безбедност во сообраќајот (НТСБ) заклучи дека пилотот можеби бил дезориентиран поради маглата.
Дезориентација може да се случи кога пилотите не можат да го видат небото или околината, при што им е потешко да ги определат височината и забрзувањето на леталото.
Зобајан бил искусен пилот кој често го возел Брајант.
„Останува да се види дали пилотот бил под притисок да го доврши летот“, изјави претседателот на НТСБ, Роберт Самволт, додавајќи дека нема докази дека имало механички проблеми на хеликоптерот „сикорски С-76Б“.
Во моментот на несреќата, Брајант патувал на младински кошаркарски турнир со 13-годишната ќерка, две нејзини тимски колешки и со уште неколку пријатели.