ПО 25 ГОДИНИ ВАТЕРПОЛО ВО ШТИП, СКОПСКИТЕ И ШТИПСКИТЕ ВЕТЕРАНИ САКААТ ДА ГО ОБНОВАТ ОВОЈ СПОРТ ВО ЗЕМЈАВА

    ПО 25 ГОДИНИ ВАТЕРПОЛО ВО ШТИП, СКОПСКИТЕ И ШТИПСКИТЕ ВЕТЕРАНИ САКААТ ДА ГО ОБНОВАТ ОВОЈ СПОРТ ВО ЗЕМЈАВАПоранешни ватерполисти на Вардар од Скопје и 8 Ноември од Штип одиграа ревијален натпревар за популаризација на овој спорт. (Фото: СДК.МК)

    Поранешни членови на ватерполо клубот Вардар од Скопје и на 8 Ноември од Штип со ревијални натпревари сакаат да го популаризираат овој спорт меѓу младите. Последниот натпревар на ветераните се одржа во петокот во Штип во знак на сеќавање на починатиот поранешен штипски пливач и ватерполист Кирил Гранков, па одиграа ревијален натпревар пред голем број млади пливачи и посетители на базенот.

    Еден од основачите на ватерполото во Штип е Тони Даскалов, кој заедно со Кире Гранков и татко му Методи го формирале ватерполо клубот 8 Ноември.

    „Во 1974 формиравме клуб со плејада ватерполисти кои активно се натпрваруваа во лигата на Македонија. Но, последниот првенствен натпревар се одигра во 1996 година. Подоцна настапува долга пуаза, па еве сега правиме обид за враќање на ватерполото во базените“, велат Даскалов и помладите ветерани, браќата Даниел и Ангел Митеви од Штип.

    Ревијалниот натпревар се одигра со помош на ватерполо клубот Вардар од Скопје, кој обезбеди услови во штипскиот базен да се формира терен за игра. Натпреварот заврши нерешено 15:15, но резултатот воопшто не им беше важен затоа што имаше сосема дртуга цел за популаризација и за заживување на овој спорт.

    „Македонското ватерполо постои пред еден век, најпрвин во Охрид и Струга, а потоа во Скопје, Штип, Пробиштип, Битола. Сега сме во ситуација кога доживуваме стагнација на овој спорт кој речиси згасна, па затоа правиме напори за популаризација на ватерполото и омасовување со млади членови“, вели новоизбраниот претседател на Ватерполпо федерацијата на Македонија и поранешен ватерполист и ватерполо судија, Андреј Георгиевски.

    Неговиот клупски соиграч Ромео Нестор вели дека нивната цел е да се анимираат помладите и да почнат да се занимаваат со овој прекрасен спорт, со што може да се каже дека сме започнале со заживувањето на ватерполото. Планираат да формираат што повеќе клубови кои ќе се натпреваруваат меѓу себе.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира